Breaking News

Меѓународна истражувачка конференција на Народната банка


„Повторното актуализирање на инфлацијата и новата геополитичка реалност во прилог на преосмислувањето на макроекономската политика“ е темата на деветтата меѓународна истражувачка конференција, што ќе се одржи утре во Скопје, во организација на Народната банка, а во соработка со Комитетот за преобразување на Бретон Вудс (КПБВ).


Како што е најавено, конференцијата ќе ја отвори претседателот Стево Пендаровски, како и челните претставници на институциите – организатори, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и извршниот директор на КПБВ, Марк Узан.


Ќе се обрати и директорот на Меѓународниот монетарен фонд за Европа, Алфред Камер.

 -Следејќи ги актуелните текови и потребата за научно истражувачки придонес, годинава предмет на дискусија ќе бидат повеќе теми, меѓу кои, идните движења на макроекономската политика, стратегиска автономија и фрагментацијата во контекст на централното банкарство, како и регионалната перспектива за членство во ЕУ во новото глобално окружување, соопштија од Народна банка.


На конференцијата ќе учествуваат гувернерите на Литванија, Ерменија, Словенија, Хрватска и на Албанија, алтернативниот член на Одборот на централната банка на Швајцарија, вицегувернерот на Централната банка на Белгија, високи претставници на Светската банка, Европската комисија, ЕИБ, ЕБОР, БИС, како и истакнати академски претставници.

Истражувачката конференција на Народната банка прерасна во повеќегодишна традиција, каде што се сретнуваат претставници на носителите на макроекономските политики, меѓународните институции и истакнати истражувачи од економската сфера, кои преку дискусии на актуелни теми придонесуваат кон натамошен економски развој и просперитет, нудејќи нови идеи, визии  и политики.


бт/са/Фото: Народна банка .

Извор: МИА