Breaking News

Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија


Во Скопје денеска ќе се одржи 20. Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија (ДГКМ).


Темата е „Отпорни конструкции”, а во фокусот ќе бидат стекнатото знаење изминатите шест децении, по скопскиот земјотрес, во областа на асеизмичкото проектирање, како и претстојните предизвици поврзани, пред се, со климатските промени.


На овој, како што е најавен, најголем настан од областа на градежништвото во државава оваа година, ќе се одбележи и 74- годишнината од основањето на Градежниот факултет при УКИМ.

-Ја одбележуваме 60-годишнината од скопскиот земјотрес, историски моќен потсетник за значењето и одговорноста на нашето професионално делување, настан кој означува пресвртница во македонското, но и европското градежно контрукторство.


Оттука, 20.

Симпозиум на ДГКМ ќе овозможи рефлексија на целокупното стекнато и применето знаење во изминатите шест децении во областа на асеизмичкото проектирање, но и дискусија за предизвиците кои ни претстојат.


Во фокусот ќе бидат и глобалните предизвици поврзани со климатските промени и ефектите кои тие ги имаат врз конструкциите, опфаќајќи ги концептите на робустност, приспособливост, одржливост, трајност, долготрајно менаџирање и доверливост на конструкциите, информира ДГКМ кое го организира Симпозиумот.

Покровител е Министерство за транспорт и врски, а коорганизатори се Македонската национална група на IABSE (International Association for Bridge and Structural Engineering), УКИМ, Градежниот факултет – Скопје, Институтот за Земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Архитектонскиот факултет – Скопје, Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Македонската асоцијација за земјотресно инженерство, Инженерската институција на Македонија, Јавното претпријатие за државни патишта, Јавното претпријатие за заштита и одржување на магистрални и регионални патишта и Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија.


мч/аа/фото: ДГКМ .

Извор: МИА