Breaking News

Меџити: „Онкологија“ ќе има разрешница, ќе се знае со име и презиме кој е крив


Министерот за здравство Фатмир Меџити тврди дека случајот „Онкологија“ ќе има разрешница. Ќе се знае точно, со име и презиме, кој го прекршил законот, а ќе има и соодветни последици.


Како што изјави денеска, на негова иницијатива, тој е во постојана комуникација со МВР и со Обвинителство и прашува до каде е постапката.


 Досега, рече, во Министерството за здравство не се пристигнати поплаки од пациенти или нивни блиски во однос на Онкологија, но апелира граѓаните да пријават какви било сомнежи за евентуално неправилно лекување.

Според Меџити, Министерството за здравство е максимално отворено и транспарентно за соработка зашто сака да придонесе за што поскоро расчистување на случајот.


Остапки нема да има, подвлече министерот, одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на новата опрема во ГОБ „8-ми Септември“.

  Тој тврди и дека откако е дојден на фунцкијата, се постапува најригорозно за да не се дозволат какви било злоупотреби или нерегуларности, а така ќе биде, нагласи, и понатаму.


Според него, тоа што е веќе направено, не може да се реши преку ноќ.  -Ни сме многу отворени и транспарентни.

Како никогаш досега прв пат под мое водство сите истражни органи влегоа на Онкологија за да се испита точно што е проблемот. Е сега, ние не можеме таму да се мешаме.


Обвинителството и истражните органи работат интензивно.

Ние сме во постојана комуникација и со министерот за внатрешни работи и со обвинителствата и се што треба од наша страна – документи, плус советувања, тука сме за се да придонесеме за случајот што побрзо да се реши.

Ви гарантирам како министер за здравство дека ќе има разрешување на случајот и нема целата лекарска фела да биде под притисок. Ќе има точно име и презиме кој се огрешил и тој ќе сноси последици.

Досега во Министерството, колку што знам, нема поплаки и јас во неколку наврати повторувам, апелирам, граѓаните да пријават, да не е само на зборови – некој нешто слушнал или некој нешто кажал.

Ние во здравството се темелиме на тоа што е стручно и професионално. Има врвни професионалци и на Клиниката за онкологија и во Клиничкиот центар и не можеме да се водиме од тоа што некој кажал.

Здравството е сериозна материја и ние така постапуваме. Од првиот ден како министер го знаете мојот став. Министерството за здравство е сериозна институција и ние нема да отстапиме.

Како никогаш досега, најтранспарентно, најотворено се што треба ние сме во редовна комуникација со обвинителството и со МВР и да знаете и секогаш под моја иницијатива секој ден сме во комуникација и ги прашувам до каде е постапката.

Целта е еднаш засекогаш тоа што го рече и премиерот да имаме разрешница и да се знае со име и со презиме кој е виновен и кој се огрешил пред законот, потенцира Меџити.

Тој потсети на недостигот од кадар, со напомена дека и ова прашање ќе се реши. Најави дека на Клиниката ќе има нови вработувања.

-Потребно ќе биде време, но работиме интензивно во врска со вработувањата и кадарот. Ја знаете и таа тематска седница на Влада со тие вработени што по 4-5-6 години немаат решение.

Сега ќе имаат, ќе има нови вработувања, има покачување на платите во здравство. Се работи насекаде.

Навистина макотрпно работиме работите да се средуваат, а за тоа ви гарантирам од наша страна, од моја страна како министер, рече министерот.

Во врска со апаратот на Онкологија што беше прмовиран лани, Меџити рече дека се уште не е во функција зашто на Клиниката нема физичар.

Воедно информира дека има и нов акцелератор кој „фаќа прашина“, но се прават напори да биде сервисиран и да се стави во употреба што најверојатно ќе се случи, како што рече, до Нова година.

 – Ние гледаме колку тоа ќе чини, но тоа што можам со гаранција да го кажам е дека деновиве демонтираме еден стар апарат што е при крај со работењето и нормално, ќе бидеме во контакт со компанијата за да можеме да видиме колку е сервисирањето на новиот апарат за да се стави во употреба.

Пред два месеца беше компанијата што го донела КАТО системот на Клиниката за онкологија, но од тогашниот директор не знам зошто е прекинато со тој систем.

Тој кажувал на зборови, немаме ништо на хартија или на документ, кажувал дека не било исплатливо, дека биле големи трошоците за тој апарат – систем да функционира, но како и да е, ние сега ги разгледуваме сите можности.

Навистина немавме отворени раце да работиме заради ребалансот на буџетот и сега веќе имаме ребаланс и брзо мислам дека ќе се демонтира ова недела што доаѓа и новиот апарат ќе се стави во употреба.

Мислам дека пред Нова година тоа ќе биде реално, истакна министерот.  Има, додаде, и уште еден апарат – донација, што не е во добра состојба.

-Со сервисери ќе се договориме за тоа да видиме дали е исплатливо да се стави во употреба или да се размислува со идниот буџет да се донесе нов акцелератор, но тука мора да се поврзува и за штипската болница која се гради седум години.

Таму веќе има еден апарат што исто така фаќа прашина, ама таму проблемот е малку покомплициран, бидејќи ќе ни треба уште еден бункер да се изгради и мислам дека со буџетот од 2024 година ќе биде реалност и по седум години тој апарат ќе се стави во функција.

Таму го прекинавме тој договор што не се градеше штипската болница и веќе има активирана банкарска гаранција.

Тоа кажува дека сме многу сериозни и ригорозни во овој проблем и нема да дозволиме веќе ниту една здравствена институција да тапка во место и да не се гради 15, седум или 30 години.

Размислуваме уште понатаму да направиме уште неколку центри низ Македонија на што веќе се работи.

Има и кадар, ако треба ќе дисперзираме од Клиниката за онкологија, Штип кажав, Тетово исто брзо ќе биде ставен во функција и Битола.

Значи, со ова еднаш засекогаш го растеретуваме и Клиничкиот центар и Клиниката за онкологија од овие пациенти и нормално пациентите со овие комплицирани дијагнози да не можат до Скопје да патуваат, знаете ова се тешки терапии, компликации да патуваат тоа уште повеќе го отежнува, ќе ги примаат таму каде доаѓаат со адреса во најблиските центри, објасни Меџити.

мч/аа/фото: принт скрин   .

Извор: МИА