Breaking News

Масрали: ЕУ ја поздравува најавата на Швајцарија за организирање Конференција за мир во Украина 


Европската Унија ја поздравува иницијативата на Швајцарија за организирање на Конференција на високо ниво за мир во Украина, изјави денеска портпаролката на Европската комисија на надворешни работи и безбедносна политика Набила Масрали во одговор на новинарско прашање околу ставот на ЕУ за најавата на швајцарската Влада дека ќе организира Мировна конференција за Украина кон средината на јуни.


 – ЕУ и нејзините земји членки ќе продолжат со нивните глобални интензивни напори за обезбедување на што е можно поголема меѓународна поддршка за сеопфатен, праведен и траен мир врз основа на целите и принципите на украинската мировна формула, со идеја за одржување глобален мировен самит во иднина, истакна Масрали.


 Таа посочи дека ЕУ би учествувала на ваквиот собир, но дека засега не може да каже кој би ја претставувал.

 Швајцарската Влада вчера соопшти дека 15 и 16 јуни во одморалиштето Бургенсток во близина на градот Луцерн ќе организира дводневна Конференција на високо ниво за постигнување мир во Украина, врз основа на планот на украинскиот претседател Володимир Зеленски и швајцарскиот министер за надворешни работи Игнацио Касис.


 Според најавата, целта на собирот ќе биде да се создаде рамка за траен мир во Украина, како и „конкретен план за учество на Русија во мировниот процес“.

 Швајцарската Влада информира дека во раните дискусии за организирање на конференцијата биле вклучени и Европската Унија и претставниците на земјите од т. н.


Глобален југ, вклучувајќи ги Бразил, Етиопија, Индија, Јужна Африка, Кина и Саудиска Арабија.

 – Во моментов има доволна меѓународна поддршка за Конференција на високо ниво за да се иницира мировниот процес, се додава во соопштението.


 Според швајцарските медиуми, на Конференцијата би можел да присуствува и американскиот претседател Џо Бајден, кој во тој период треба да учествува на Самит на Г7 во Италија. сп/Фото: ЕБС .

Извор: МИА