Breaking News

„Маркарт”: Не мора да си одите од државата за да работите по германски стандарди


Германската инвестиција „Маркарт” успешно ја гради својата приказна една деценија во Велес.


Произведува ултра модерни компоненти за врвни брендови на автомобили со највисока технологија, а најголемиот дел од процесите се роботизирани.


Фабриката и административна зграда се направени по светски стандарди. Како што истакна денеска менаџментот на средба со новинарите, иновациите се во фокусот, а приоритет се вработените.

-Иновациите се нашата приказна, но сериозно сме посветени и на вработените. Им нудиме одлични услови, можност за кариерен развој и флексибилно работно време.


Оваа инвестиција е одличен пример дека и во Северна Македонија може да се работи на атрактивни работни позиции.

Сакаме на младите кои се подготвуваат за пазарот на трудот, но и на нивните родители, да им ја пренесеме пораката дека и дома може да се работи по германски стандарди, рече директорот на „Маркарт”, Јурген Шмит.


Според Антје Ванделт, директор на Германската комора (АХК) во Северна Македонија, Албанија и Косово, атрактивни можности за професионален развој младите можат да најдат и тука.

-Одличен пример за добри работодавачи се германските инвеститори, а еден од нив е и компанијата „Маркарт”.


Скоро една година сум во земјата и посетив голем број германски инвестиции, но и локални компании. Она што го видов е дека навистина се трудат да им овозможат подобри услови на вработените.

Сметам дека овој тренд со се поголемиот број инвестиции и во иднина ќе расте, истакна Ванделт и потенцира дека понекогаш Германија е поблиску отколку што мислиме.

 Новинарите имаа можност да ги разгледаат погоните, да видат на кој принцип работат ултра модерните машини, а презентирани им беа и дел од производите меѓу кои и автоматскиот менувач за БМВ со Сваровски кристали.

мч/дма/ Фото: МИА и АХК .

Извор: МИА