Breaking News

Маринакис: Не се разгледуваат дополнителни мерки за поддршка на земјоделците


– Владата активно ги поддржува земјоделците, една од најголемите индустрии во земјата, но не се разгледуваат дополнителни мерки, истакна портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите во однос на протестите на земјоделците, јави дописничката на МИА од Атина.


По пакетот мерки што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис го соопшти во петокот, земјоделците изразија незадоволство и продолжија со протестите и блокадите, најавувајќи засилување, а владиниот портпарол денеска истакна дека не планирана дополнителна помош.


-Се обврзавме дека сè додека трае инфлаторната криза ќе ги поддржуваме домаќинствата и бизнисите, со пресметани мерки кои не ги надминуваат фискалните можности на државата.

Економијата на земјата се подобрува и затоа сме во позиција да го ставиме на располагање пакетот мерки за поддршка на земјоделците.


Но, ресурсите со кои располагаме не се неисцрпни и затоа не се разгледуваат дополнителни мерки, истакна Маринакис.

Објасни дека иницијативите на Владата за помош на земјоделците, особено на оние од областа Тесалија погодена од поплавите во септември минатата година, не беа поради протестите и блокадите, туку биле однапред испланирани.


За евентуална средба на грчкиот премиер со претставници на земјоделците, рече дека засега нема нешто закажано или планирано. ср/ссм/ .

Извор: МИА