Маричиќ-Сарацин: Со проактивност на сите политички партии да се направи напредок кон ЕУ до крајот на годината 


  Пристапните преговори на Северна Македонија со Европската унија, политиката за проширување со земјите од регионот и домашните актуелни случувања, биле теми на разговор на денешната средба на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ со специјалниот пратеник на Владата на Сојузна Република Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.


– Максимално сме посветени на процесот на преговори со ЕУ и оптимист сум дека нашите обврски како држава ќе ги исполниме во предвидениот рок.


Почетокот на пристапните преговори се наш поттик за забрзување на интеграцијата и продолжување на реформите, со кои ќе им обезбедиме подобар квалитет на живеење за нашите граѓани.

Очекуваме поддршка за забрзување на процесите кои ги правиме на евроинтегративниот пат од нашите пријатели во ЕУ. Не смееме да го пропуштиме моментумот, истакнал Маричиќ на средбата.


Сарацин, како што информираат од СЕП, посочил дека Северна Македонија е на вистинскиот пат да ја реализира својата стратешка цел, но во следниот период мора да се фокусира на обврските кои произлегуваат од преговарачката рамка, на владеењето на правото, независното судство и борбата против корупцијата, за да ја задржи динамиката на напредок кон ЕУ.

-Соговорниците се согласија дека сега е најважно да се одржи континуитет на пристапните преговори и оваа година Северна Македонија да направи нов напредок кон ЕУ, со отворање на првиот Кластер, „Фундаментални вредности“, информираат од СЕП.


Специјалниот пратеник во германската Влада за Западен Балкан посочил дека земјата има силна и принципиелна поддршка од европските партнери, но дека многу поважно да имаме политички консензус и проактивност од сите политички партии за евроинтегративниот процес.

Сарацин ги нагласил германските позиции за проширувањето на ЕУ и за актуелните геостратешки настани во Европа, посочувајќи дека Германија е искрен партнер на земјава на патот кон членство во ЕУ и ќе се залага што поскоро да се случи обединувањето на регионот со ЕУ.


Маричиќ го информирал Сарацин за текот на скрининг процесот и за реформскиот план што треба да даде брзи резултати и напредок во зајакнувањето на владеењето на правото, правосудниот систем, борбата против корупцијата и другите области од значење за европскиот пат на нашата земја.

Вицепремиерот изразил уверување дека европските партнери го ценат сето она што македонската Влада го постигнала на европскиот пат, имајќи ги предвид тешките политички и економски околности, на кои сме сведоци поради војната во Украина и посочил дека очекува Унијата да даде јасен план за европската перспектива на Западен Балкан.

На средбата присуствувала и германската амбасадорка Петра Дрекслер. дма/бак/ Фото:СЕП .

Извор: МИА