Breaking News

Мамер: Евентуално стопирање на поддршката од ЕУ за Палестинците нема да се однесува на хуманитарната помош  


Евентуалната одлука за суспендирање на финансиската поддршка за Палестинците треба да ја донесе Европската комисија во консултации со останатите институции на ЕУ, но таа нема да се однесува за хуманитарната помош, изјави денеска главниот портпарол на Европската комисија, Ерик Мамер.


 Тој потенцира дека има разлика меѓу хуманитарната помош и другиот вид поддршка за палестинскиот народ наменета за финансирање разни проекти, што не спаѓа под категоријата хуманитарна помош.


 – Нашата синоќешна изјава беше сосема јасна. Што и да се реши нема да се одрази на хуманитарната помош, рече Мамер.

 Според него, евентуалното стопирање на поддршката би се однесувало на средства за финансирање на одредени проекти, кои би можеле да бидат злоупотребени.


 Мамер изјави дека објавата на еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји за стопирање на исплатата за средства за развојната поддршка за Палестинците, не се однесува на хуманитарната помош и дека таа не претставува официјална изјава на Еврокомисијата.

 Тој потенцира дека за вчерашната негова објава на платформата Икс (Х), Вархеј не се консултирал со другите членови на Еврокомисијата, но сепак не одговори на прашањата дали еврокомесарот ќе биде санкциониран или ќе сноси некакви последици поради објавата без консултации.


 Според портпаролот на ЕК, како што јави дописникот на МИА од Брисел, сумата од 691 милион евра поддршка за Палестинците што ја спомна Вархеји во објавата, не ја опфаќа хуманитарната помош.

 Портпаролот на ЕК за хуманитарна помош и кризен менаџмент Балаж Ујвари, пак, изјави дека еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич синоќа потврди дека хуманитарната помош за палестинскиот народ ќе продолжи.


 – Нема промени, хуманитарната помош продолжува, изјави Ујвари, додавајќи дека за Палестинците за оваа година од ЕУ се предвидени 2,7 милиони евра хуманитарна помош.

 Вархеји вчера попладне на социјалната мрежа Икс објави дека ЕУ ги суспендира сите исплати за развојна помош за Палестинците до следната одлука.

 – Како најголем донатор на Палестинците, Европската комисија го разгледува целосно своето портфолио за развој во вкупна вредност од 691 милион евра. Сите исплати се суспендирани веднаш.

Сите проекти се ставени под ревизија. Сите нови буџетски предлози, вклучително и за 2023 година, се одложени до следната одлука, наведе Вархеји.

 Според него, размерот на терор и бруталност против Израел и неговиот народ претставуваат пресвртна точка и работите не може да се одвиваат како ништо да не се случува.

 – Сега мора да се постават темелите за мир, толеранција и соживот. Поттикнувањето на омраза, насилството и глорификација на теророт ги затру умовите на премногу луѓе.

Ни треба акција и ни треба веднаш, објави Вархеји.  По ова синоќа се огласи Европската комисија која соопшти дека поддршката не е суспендирана, туку дека ќе се разговара на таа тема.

– Во моментов нема да има прекин на исплатите, соопшти Европската комисија.

 Ваквото соопштение уследи откако Министерство за надворешни работи на Шпанија, која е актуелен претседавач со ЕУ, информира дека шефот на шпанската дипломатија Хозе Мануел Албарес го известил Вархеји дека Мадрид не се согласува со одлуката за прекин на развојната помош за Палестинците поради нападот на Хамас врз Израел.

 Според шпанското МНР, Албарес побарал за суспензијата на помошта за Палестинците да се разговара на денешниот неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ. сп/Фото: МИА Архива .

Извор: МИА