Breaking News

Малите и средните претпријатија имаат потенцијал да го зајакнат економскиот раст, на располагање имаат финансиски инструменти од ЕУ


Потенцијалот на мирко, малите и средните претпријатија (МСП) во регионот и поддршката од ЕУ за нивниот раст се во фокусот на  регионалниот хибриден настан на тема „Open4Business – Made in the Western Balkans – Supported by EU” организиран од Европската комисија во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија и Инвестицискиот фонд за Западен Балкан ( „Western Balkans 6 Chamber Investment Forum“ – WB6CIF).


Евроамбасадорот Дејвид Гир во обраќањето на форумот истакна дека МСП се суштествени двигатели на општествениот раст, сочинуваат 99 проценти од сиот регистриран учинок, а сепак наодите на ОЦДЕ од 2020 велат дека МСП во регионот продолжуваат да се соочуваат со потешкотии во пристапот до финансии и дигитална развиеност, како и ниско учество во меѓународната трговија.


– Имаме голем број на финансиски инструменти. Имаме средства од 600 милиони евра.

На терен постојат финансиски институции кои ќе се погрижат компаниите да имаат финансии за истражување за развој на нови производи, за пенетрирање во нови пазари и за зголемување на зелените и дигиталните напори.


Овие се целите на економскиот инвестициски план, рече Гир.  Од суштествено значење е, смета тој, овие компании да останат отпорни и конкурентни и да промовираат стратегија за одржлив раст во иднина.

-Ние сме амбициозни затоа што сакаме се повеќе партнери од Западен Балкан да влезат во единствениот пазар затоа што во некои од земјите се доста ниски нивоата на продуктивност, околу 60 проценти од просекот на ЕУ, но со иновации, тој јаз би се намалил.


Со вистинската поддршка веруваме дека мирко, малите и средните претпријатија можат значително да го зајакнат економскиот раст.

Во овој контекст, заедничкиот регионален пазар има потенцијал да биде силен катализатор за развој на бизнисот и раст и во исто време да донесе инвеститори, а со тоа и чекор по чекор да стигнеме до заедничкиот, единствениот пазар на ЕУ.


Исто така, важно е вмрежувањето и спојувањето на компаниите кое ќе следи, порача евроамбасадорот Гир.

 Министерот за финансии Фатмир Бесими истакна дека иницијативите што се преземаат на национално ниво со кои се обезбедуваат финансиски средства за поддршка на економијата, заедно со иницијативите што во оваа насока се воспоставени од ЕУ, даваат поголеми шанси за претпријатијата преку ваков сеопфатен процес да станат поконкурентни на европскиот пазар и да се соочат со предизвиците на тој пазар.

-Во период во кој се соочуваме со кризи, исправени сме пред неколку предизвици – да се обезбеди фискален баланс, да се спроведе фискална консолидација, а од друга страна да се обезбеди раст.

За таа цел, по примерот на ЕУ и Јункеровиот план, подготвивме План за забрзан економски раст кој содржи насоки како да го поддржиме растот во време на криза, но и да добиеме различни форми на финансиски инструменти за да постигнеме просперитет и развој, рече Бесими.

Тој се осврна на финансиските инструменти на Министерството за финансии, како што се граѓанската, зелената и структурната обврзница.

-Ова се нови инструменти на пазарот на капитал, кои ги издаде Владата оваа година, но има и други иницијативи, како што се Гарантниот фонд во Развојната банка, кој поддржува домашни компании и служи да го подобри пристапот до финансии преку деловните банки, со гаранција од Развојната банка.

Потоа инструмент преку кој се обезбедуваат гаранции за извозни компании, каде има обезбедени 10 милиони евра за развој и 15 милиони евра за гаранции за инвестиции, исто така преку Развојната банка.

Од минатата недела е воспоставен  Фондот за енергетска ефикасност во Развојната банка кој, меѓу другото, ќе се финансира од зелената обврзница и ќе ги поддржува малите и средни претпријатија.

Допонително стојат на располагање и 150 милиони евра за претпријатијата од Европската инвестициска банка и Банката за развој на Советот на Европа, рече Бесими.

Ова, според министерот, претставува сериозна инјекција за приватниот сектор за време на овој период од повеќе кризи, но, исто така, претставува поддршка на процесот на зелена транзиција и конкурентноста на домашните компании на идниот заеднички европски пазар.

Во обезбедувањето финансиски средства, Бесими вели, значајно е дека имаме блиски партнери во Европа, од каде оваа година земјава доби грант од 80 милиони евра за справување со кризата и дополнителни 100 милиони евра буџетска поддршка за сите политики.

Герт Јан Копман, генерален директор во Генералниот директорат на ЕК за соседство и преговори за проширување преку видео порака истакна дека ЕУ има најавено нов план за раст за Западен Балкан, а во сржта е да се постигне поголемо општествено и политичко приближување на регионот до ЕУ.

 -Економскиот инвестициски план за Западен Балкан ја потенцира важноста на зајакнувањето на конкурентноста на овие МСП. Исто така, се залага за поздрави и покмпетитивен приватен сектор.

Низ изминатите 10 години, ЕУ понуди повеќе од 500 милиони евра што доведе до вкупна инвестициска сума од 10 милијарди евра во партнерство со финансиски институции. Ова финансирање поддржи 6.

500 компании и создаде преку 100 илјади работни места во регионот. Служи да ја поддржи конкурентноста на компаниите, но план сега има и повисока цел. Има четири столба.

Прво е да се унапреди регионалната економска соработка, второ интеграција да се обезбеди во единствениот пазар, трето да се продлабочат општествените и политички реформи и четврто, финансиски сегмент.

Сакаме да ги привлечеме европските компании да дојдат во Западен Балкан и тука водат бизнис, рече Копман.

 Според претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, заблуда е дека Стопанската комора на Северна Македонија ги застапува само интересите на големите компании, бидејќи во своите редови има стотици мали и микро претпријатија кои се активни во создавањето конекции со средните и големите компании и дека новите алатки претставуваат основа за создавање додадена вредност која е потребна за нивниот развој.

 -Затоа мислам дека конкретно и на прав начин ги остваруваме двата суштински слогани, а тоа е слоганот на Коморскиот инвестициски форум во рамките на ЕУ на Берлинскиот процес – една економија еден регион и отворено за бизнисите, создадено на Западен Балкан, поддржано од ЕУ.

Тоа е формулата за наш забрзан развој затоа што мора на патот за Брисел, кој е наша единствена одредница, да одиме што побрзо за да ја намалиме временската разлика во развојот која што приклучувајќи не во една така развиена економија, ќе создаде нови перспективи за нас.

Значајно е и тоа го правиме на регионален принцип затоа што како мали економии сфативме самите дека не можеме да направиме ништо повеќе, рече Азески. вг/бак/ .

Извор: МИА