Breaking News

Лопез Обрадор побара САД да запрат со финансирање организации кои се непријателски настроени кон мексиканската Влада


Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор испрати писмо до својот американски колега Џо Бајден во кое бара Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) да престане да ги финансира организациите кои се непријателски настроени кон мексиканската влада.


Мексиканскиот претседател не прецизираше на кои опозициски организации мисли.


„Американската влада, конкретно преку УСАИД, извесно време финансира организации кои отворено се спротивставуваат на легитимната и законски избрана влада што јас ја застапувам“, вели Лопез Обрадор во своето писмо.

„Ова е јасно интервенционистички чин кој е во спротивност со меѓународното право и односите што треба да преовладуваат меѓу слободните и суверените држави“, напиша шефот на мексиканската држава.


Тој го повикува претседателот Бајден да интервенира, додавајќи дека неодамна американскиот Стејт департмент соопшти дека УСАИД ќе ги зголеми средствата што ги доделува на таквите организации.

Портпаролот на УСАИД рече дека САД и Мексико одржуваат „длабоко партнерство“.


„Посветени сме да работиме со низа локални партнери, вклучително и граѓанското општество, за да генерираме инклузивен и одржлив развој поттикнат на локално ниво“, нагласи американскиот портпарол.

ссм/фото: МИА архива Извор: МИА.