Breaking News

Лога: Со образование на експертите и размена на искуства до сузбивање на компјутерскиот криминал


Сајбер-безбедноста може да се оствари само ако се располага со ефективни и ефикасни капацитети за сајбер безбедност, но и ако се работи на превенција. Искуството е најдобра пракса.


Образованието на експертите и размената на искуствата се важен чекор во сузбивањето на компјутерскиот криминал, истакна министерот за правда, Кренар Лога.


Како што информираат од Министерството за правда, говорејќи на панел дискусијата на тема „Сајбер криминал-безбедносна закана во Југоисточна Европа и важноста на соработката“ на Самитот за сајбер криминал на Југоисточна Европа кој се одржува во Шибеник од 21-23 мај, министерот Лога порачал дека е неопходно секоја држава да обезбеди сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално окружување кога сајбер заканите и нападите стануваат почести, пософистицирани и предизвикуваат сѐ поголеми штетни последици.

– Живееме во време на енормно зголемување на бројот на интернет и ИКТ корисници, поголем број достапни и ефективни електронски услуги и апликации чиј што број е правопропорционален со нови сајбер ризици и напади.


 Голем е бројот на случаи каде што тој тешко се открива,  уште потешко се обезбедуваат  докази, а во некои случаи е невозможно  ефикасно да се спроведе кривичната постапка и сторителите  да  се  изведат пред лицето на правдата и соодветно да  бидат санкционирани, рече Лога, пренесуваат од Министерството за правда.

Во однос на активностите кои ги презема Владата, министерот информирал дека Република Северна Македонија стана 103-та членка на Глобалниот форум за сајбер-експертиза (Global Forum on Cyber Expertise), една од најголемите светски мрежи за интернационална соработка и градење на капацитети за сајбер-безбедност.


 Самитот е организиран од Министерството за правда и јавна администрација на Република Хрватска и Министерството за правда на САД и на него учествуваат високи претставници на земјите од Југоисточна Европа и САД.

ар/лв/Фото: Министерство за правда  .


Извор: МИА