Постојаниот претставник на Република Северна Македонија во ФАО, Лидија Попандонова, на вчерашната 43.
сесија на Европската комисија за земјоделство на ФАО, со консензус на земјите членки од Европа и Централна Азија, беше избрана за претседавач со ова статутарно тело на ФАО.
-Ова е големо признание и чест не само за мене, туку и за нашата земја, која во последните две години се позиционираше во високите структури и технички комисии на ФАО.
Европската комисија за земјоделство има важна улога во правилно насочување на поддршката од ФАО за приоритетни области и актуелни прашања во земјоделско-прехранбениот сектор во земјите членки и дава препораки за сите прашања од нејзината техничка и експертска надлежност за прашања позврзани со трговија, истражување, едукација, исхрана, одржлив развој и актуелни состојби кои го засегаат регионот.
Истовремено, ја олеснува меѓународната соработка, како и соработката со невладините организации, здруженија и меѓународни организации.
Во последниве години, регионот на Европа и Централна Азија доживеа повеќекратни шокови, вклучувајќи ја пандемијата со Ковид-19, временските непогоди и катастрофи, војната во Украина, разорните земјотреси во Турција, кои нанесоа сериозни штети и негативни последици во регионот, вели Попандонова за МИА.
Според неа, повеќекратните кризи предизвикаа нестабилност во земјоделското производство и ги зголемија цените на инпути, суровини, енергија и цените на храна, што резултираше со зголемување на трошоците за живот.
-Соработката со Организацијата за храна и земјоделство на ОН, ФАО е долгогодишна и успешна, се базира на бројни проекти за одржливо управување и консолидација на земјоделското земјиште, адаптација кон климатските промени, безбедност на храна, рурален развој и техничка поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во прилагодување кон страндардите и легислативата на ЕУ, дополнува Попандонова во кусиот разговор за МИА.
мч/лв/ .
Извор: МИА