Breaking News

„Лидија од Македонија“ во Национална опера и балет


Македонската опера „Лидија од Македонија“ од композиторот Ристо Аврамовски ќе биде изведена вечерва во Националната опера и балет со почеток во 20 часот.


Диригент на претставата е Иван Еминовиќ, режисер Пламен Карталов (Бугарија), обновата на режијата е на Трајко Јордановски, сценографијата е на Панче Минов, а костимографијата на Елена Дончева.


Во главните улоги ќе настапат Наде Талевска Спасовска во улогата на Лидија, Игор Дурловски во улогата на Павле, Драган Ампов во улогата на Силас, Марјан Николовски / Никола Стојчевски во улогата на Тимотеј, Васко Здравков во улогата на Ангелот човек, Ана Ројдева Талевска / Катерина Стојановска -Асиа, Александра Лазаровска – Василевски / Елена Голомеова – Агиа и Марика Поповиќ / Соња Пендовска Мадевска – Дина.

Настапуваат хорот и оркестарот на Националната опера и балет. Операта „Лидија од Македонија“ е опера во два дела. Создадена е во 2001 година, по нарачка од тогашниот Македонски народен театар.


Либретото го направиле Гиј Шелеи и Дора Петрова (Франција) во препев на Лилјана и Јордан Плевнеш.

Се работи за првата покрстена жена на европскиот простор од свети апостол Павле, која се викала Лидија и била од Македонија.


Се обработуваат настани што се случиле во тоа време и претставува библиска тема. ар/мд/Фото: Национална опера и балет .

Извор: МИА