Breaking News

Лајчак: Во четврток ќе продолжат разговорите меѓу Белград и Приштина, се надевам на надминување на разликите


Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, денеска потврди дека во четврток, на 4 април, во Брисел ќе продолжат разговорите во рамки на дијалогот за одлуката на Централна банка на Косово да го укине динарот и изрази надеж дека „преостанатите разлики“ ќе бидат надминати, јави дописникот на МИА од Белград.


„Двете страни ќе се вратат во Брисел оваа недела и се надевам дека во четврток ќе успееме да ја премостиме преостанатата разлика“, рече Лајчак во пораката на Фејсбук.


Сумирајќи ја изминатата недела, тој оцени дека претходната средба на главните преговарачи на Белград и Приштина, Петар Петковиќ и Бесник Бисљими, на 25 март била конструктивна и дека е заклучено дека е потребна уште една средба.

-Сè на сè, тоа беше корисна средба. Двете страни имаа можност да ги објаснат своите идеи и позиции. На крајот заклучивме дека ќе биде неопходна уште една средба, рече Лајчак.


Во објавата на Фејсбук, во која им го честита Велигден на сите кои слават според Грегоријанскиот календар, тој ја сумираше неделата пред празникот Велигден како „кратка, но интензивна“, и потсети дека минатиот понеделник се сретнал со Петковиќ и Бисљими во Брисел за да ги продолжат дискусиите за изнаоѓање „изводливо решение за луѓето погодени од одлуката на Централната банка на Косово“.

На 25 март Лајчак соопшти дека главните преговарачи на Белград и Приштина во Брисел ги презентирале своите предлози во однос на ЦБК за забраната за оптек на динарат на Косово и дека разговорите помогнале да се „разјаснат важните детали“.


об/сд/ .

Извор: МИА