Breaking News

Лајчак: Треба да се искористи политичкиот замав во проширувањето на ЕУ


Специјалниот претставник на Европската Унија за Западен Балкан и за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак оцени дека треба да се искористи политичкиот замав во проширувањето на ЕУ.


Сумирајќи ја претходната недела, Лајчак синоќа на Фејсбук објави дека минатата недела бил во Давос на Светскиот економски форум, каде што беше ко-модератор на традиционалниот дијалог за западнобалканската дипломатија кога се расправаше за очекувањата и приоритетите во регионот и ЕУ во однос на проширувањето.


„Како ко-модератор, ја споделив забелешката дека постои значителен ентузијазам од источните партнери, но и скептицизам од Западен Балкан.

Сегашниот момент на експанзија е реален, но, како што добро знаеме во политиката, не трае вечно.


Затоа, сега клучното прашање е дали тој моментум ќе можеме да го претвориме во нов квалитет на проширување или ќе биде засекогаш изгубен“, напиша Лајчак.

Тој рече дека, како и секогаш, Давос се покажал како непроценлива платформа за поврзување со пријателите, колегите, партнерите од регионот и пошироко.


„Нашите разговори го опфатија целиот спектар на важни настани што се очекуваат оваа година, во Западен Балкан, како и на светската сцена“, истакна Лајчак.

Тој вели дека сега е време целосно да се фокусираме на следните чекори во дијалогот.


Лајчак оцени дека годишниот состанок на Светскиот економски форум, одржан минатата недела во Давос, каде што овојпат фокусот беше ставен на враќањето на довербата, го означува почетокот на дипломатската година, собирајќи ги лидерите од владите, бизнисот и граѓанското општество од светот, кои расправаа „за најитните предизвици со кои се соочуваат сите општества“.

ссн/фото: архива .

Извор: МИА