Breaking News

Кралот на Норвешка, Харалд ќе остане уште неколку дена во болница во Малезија


Норвешкиот крал Харалд ќе остане уште неколку дена во болница на малезискиот остров Лангкави на лекување и одмор пред да се врати во Норвешка, соопшти денеска кралското семејство.


Осумдесет и седумгодишниот монарх беше на одмор во оваа југоисточна азиска земја, но претходно оваа недела беше откриено дека има инфекција.


„Неговото кралско височество сè уште закрепнува“, соопшти палатата. Владата на земјата вчера побара од армијата да се ангажира во врска со патувањето на кралот назад во Норвешка.

Медицинскиот авион за евакуација денеска пристигна во Лангкави откако вчера го напушти Осло.


Престолонаследникот Хокон ги презема должностите во отсуство на неговиот татко, вклучувајќи ја и неделната средба со премиерот и владата, која треба да се одржи подоцна денеска.

Кралот Харалд ја извршува кралската функција во Норвешка од 1991 година и е највозрасниот монарх во Европа.


Во последните години тој постојано беше хоспитализиран поради инфекции и му беше направена операција на срцето.

Харалд, кој е правнук на британската кралица Викторија, изјави дека не планира да абдицира и дека неговата заклетва дека ќе и служи на Норвешка е доживотна. рп/Фото: МИА архива .


Извор: МИА