Поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски очекува Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки повторно да го помине владиниот филтер и да биде доставен во Собранието.
Според него, постои јасна политичка волја и од техничката Влада законот да биде повторно поднесен во Собрание.
-Овој закон кој владата што јас ја предводев беше едногласно усвоен, беше усогласен со сите надлежни инстуции и како таков беше испратен во Собранието.
Техничката влада и премиерот, како што самите изјавија, заради некакви административни проверки го вратиле законот во Собрание, но од тоа што вчера можевме да видиме, постои јасна политичка волја и од премиерот и од Владата законот да биде повторно поднесен во Собрание и тоа на првата наредна седница што и очекувам да се случи, изјави Ковачевски за Канал 5 телевизија.
Од Владата во четвртокот информираа дека Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, поради изборот на новата влада, административно оди на ново одобрување на наредната владина седница и ќе биде доставен до Собранието.
На владината седница одржана на 16 јануари, Владата, едногласно, со консензус изрази политичка волја предложените законски измени да ги достави до Собранието.
Со предлог-измените на Законот за рестриктивни мерки, корумпираните актери во земјава кои се наоѓаат на „црната листа“ на САД, треба да подлежат на санкции согласно националното законодавство.
дма/мч/Фото: СДСМ .
Извор: МИА