Breaking News

Косовската Влада наложи на Манастирот во Дечане да му се додели земјиштето согласно одлуката на Уставниот суд


– Владата на Косово ѝ наложи на Агенцијата за катастар да ја спроведе одлуката на Уставниот суд за признавање на правото на сопственост на 24 хектари земјиште на православниот Манастир во Дечане, јави дописникот на МИА од Приштина.


 Премиерот Албин Курти на почетокот на денешната седница на Владата рече дека оваа одлука ја донел, затоа што претставува услов за прием на Косово во Советот на Европа.


Тој рече дека Владата на Косово е исправена пред две опции: да го исполни овој услов и Косово да биде примено во Советот на Европа или да остане без членство.

Според него, одлуката е донесена „водејќи се од здравиот разум“. Курти нагласи дека и натаму ја смета одлуката за штетна, но додаде дека приемот во Советот на Европа ќе биде историска победа.


– Сепак, за да постигнеме многу поголема цел што ѝ ја должиме на државата и која отвора невидени можности, мораме разумно и одговорно да направиме чекор напред како независна и суверена земја.

Затоа денеска ѝ наложивме на Агенцијата за катастар на Косово да ја спроведе одлуката на Уставниот суд, изјави Курти.


Судскиот процес за тоа кој е сопственик на 24 хектари земјиште и шуми траеше од 2000 до 2016 година, кога Уставниот суд донесе одлука во корист на Манастирот.

Уставниот суд тогаш ја отфрли одлуката на Апелациониот совет на Специјалниот совет на Врховниот суд, од 2015 година, предметот да се врати во Основниот суд во Дечане и утврди дека претходната одлука на Врховниот суд од 2012 година, со кој се потврди сопственоста на Манастирот на спорното земјиште, е правосилна пресуда.


Пред околу три години Уставниот суд објави дека неговата одлука не се спроведува.

Во оваа нова одлука Судот нагласува дека нема надлежност да ја оценува одговорноста за неизвршување на судска одлука од страна на одговорните органи, туку дека таквата оценка е во надлежност на државниот обвинител, согласно Кривичниот законик и Законикот за кривичната постапка на Република Косово.

Прашањето за имотот во Дечанскиот манастир создаде спорови со локалните власти во Дечан, исто така и за изградбата на патот до Дечане до Плав во Црна Гора.

Работите за изградба на овој пат првично се изведуваа преку Заштитеното подрачје на Манастирот и неколкупати беа прекинувани по барање на Владата на Косово и меѓународната заедница.

Во меѓувреме, пред околу четири години, Советот составен од претставници на Владата, Српската православна црква и меѓународната заедница го одобри договорот за изградба на алтернативен пат.

Веќе неколку години земјите од таканаречената „Група Квинта“, која ја сочинуваат Соединетите Американски Држави, Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство, изразуваат загриженост дека не се почитува одлуката на Уставниот суд во случајот со Дечанскиот манастир и редовно ги повикуваат косовските власти да му дозволат на манастирот да го регистрира земјиштето во катастар.

иа/рп/ .

Извор: МИА