Breaking News

Конференција за заштита на интегритетот на информациите во дигиталната ера


Фондацијата „Метаморфозис“ и Балканската мрежа за борба против дезинформациите денеска со регионална конференција ќе го одбележат 2 Април – Меѓународниот ден на проверка на факти.


 Конференцијата „Бранејќи ја демократијата на Балканот: Заштита на интегритетот на информациите во дигиталната ера“ ќе биде составена од две панел дискусии и две кратки обраќања.


 Како што е најавено, конференциајта ќе ја отворат евроамбасадорот Дејвид Гир, амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп, државниот секретар во Министерството за одбрана Владимир Анчев и извршниот директор на „Метаморфозис“ Бардил Јашари.

 На првата панел дискусија „Предизвици за спротивставување на манипулацијата и мешањето со странски информации на Балканот“ ќе се говори за регионалното ширење на дезинформации и справувањето со нив.


На втората дискусија „Демократијата во ризик: Избори во ерата на дезинформации“ говорниците ќе се осврнат на стратегиите на ширење на дезинформации и типови на дезинформации што може да се очекуваат во предизборниот период.

 На регионалната конференција ќе учествуваат новинари и експерти од земјава, од Словачка, Србија, Грција, Босна и Херцеговина, Бугарија, Албанија и Косово кои се занимаваат со проверка на факти и спротивставување на дезинформации.


 Конференцијата ќе може да се проследи и онлајн преку видео-стрим на Фејсбук страната на „Метаморфозис“. мд/aa/Фото: МИА архива   .

Извор: МИА