Breaking News

Конференција на Здружението за трудово и социјално право


Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија денеска и утре во Охрид ќе одржи годишна, дводневна конференција на тема: „На преминот помеѓу постоечкото и новото работно законодавство во Северна Македонија – премногу рано или премногу доцна за нов закон за работните односи?“.


На конференцијата ќе учествуваат повеќе од 30 говорници, истакнати теоретичари (универзитетски професори од земјата и странство) и практичари (судии, адвокати, правници од компании и организации) кои ќе се осврнат на значајни теми од областа на трудовото право.


Конференцијата е организирана во панел-дискусија и четири сесии на кои ќе бидат презентирани научните и стручните трудови на годинашните автори и учесници.

-Панел-дискусијата ќе биде фокусирана на состојбите во националното трудово право на „преминот помеѓу постоечкото и новото работно законодавство во Северна Македонија”.


Ќе започне со презентација на најзначајните прашања и новини во Нацрт-законот за работните односи од страна на претставници на Министерството за труд и социјална политика, по што ќе следува размена на мислења и вкрстување на ставовите на претставниците на синдикатите, работодавачите, државниот трудов инспекторат и науката во врска со актуелните и перспективните состојби на трудовото право во земјата, соопшти организаторот.

На конференцијата ќе бидат презентирани и првите два броја на публикацијата на Здружението за трудово и социјално право со наслов „Свет на работата”, во кои се објавени вкупно 32 научни и стручни трудови на авторите и учесниците на конференцијата.


хс/лв/Фото: МИА архива  .

Извор: МИА