Breaking News

Конференција „Јавните геопросторни податоци – основа за одржливо општество“


Трендовите на развој во областа на геоинформациите заедно со Стратегијата за Националната инфраструктура на просторните податоци за периодот 2023- 2025 се во фокусот на годинашната конференција „Јавните геопросторни податоци – основа за одржливо општество“ во организација на Агенцијата за катастар на недвижности по повод Денот на Националната инфраструктура на просторните податоци – НИПП Ден 2023 година.


Како што истакна вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој е и претседавач со Советот за Национална инфраструктура на просторни податоци, трендовите на развој во областа на геоинформациите ја потенцираат нивната клучна улога за овозможување податоци за постигнување на сите сегменти по секторите на Зелената агенда, но и Агендата 2030 на Обединетите нации и Целите за одржлив развој.


– Токму овде ќе ја најдете нашата посветеност на Зелената агенда на сите нивоа и во сите сектори. Напорите на Владата се преку употреба на НИПП порталот и геоинформатичките потатоци да се овозможи брз, автоматизиран и непречен пристап до просторните податоци, како и нивна интероперабилна размена, рече вицепремиерот Битиќи.

Тој дополни дека со тоа се интегрираат просторните податоци од сите државни институции во едно централизирано место од каде тие се достапни за користење до сите корисници во и надвор од земјата.


Директорот на Агенцијата за катастар за недвижности, Борис Тунџев, истакна дека НИПП треба да креира услови за поддршка на активностите од е-Влада.

– Да биде сервис на институциите и професионалните корисници, да ги интегрира геоинформациите од имателите на геопросторни податоци во една единствена мрежа со тенденција за највисоко постигнување и потполна усогласеност со европската INSPIRE директива, рече тој.


Тунџев информираше дека развојот и унапредувањето НИПП во изминатите години го остварува и преку соработка со шведскиот катастар Лентматериет во рамки на проектот „Соработка за дигитална демократија“ помогнат од Шведската агенција за меѓународна соработка (СИДА) и посочи дека НИПП геопорталот е норминиран за едно од најдобрите електронски владини решенија за 2022 година.

– Ова современо решение на дистрибутивниот НИПП геопортал овозможува испорака на услугите и податоците преку Веб-интернет сервиси, применувајќи стандарди кои обезбедуваат висок степен на заштита и безбедност на податоците, рече тој.дополнувајќи дека од оваа година, содржината на НИПП геопорталот, покрај на македонски и англиски јазик, ќе биде достапна и на албански јазик.


Во рамките на конференцијата ќе се одржат две сесии на кои што претставници од Швескиот катастар, Агенцијата за катастар на недвижности, Министерството за животна средина и просторно планирање, Геолошки завод, Управа за заштита на културно наследство и ГДИ Скопје ќе дискутираат за трендови во областа на геопросторните податоци и Стратегијата за НИПП 2023-2025 година. ар/сп/

МИА