Breaking News

Конференција: Има резултати во меѓуетничката интеграција, но и предизвици што треба да се надминат


– Подобра интеграција, со почитување на различностите, не може да се постигне само со политичките процеси.


За жал, сведоци сме дека во некои делови од државата, различните заедници не живеат заедно туку едни покрај други, истакна претседателот на државата Стево Пендаровски и додаде дека промените треба да почнат од најмала возраст и образованиот процес треба многу повеќе да ги промовира заедничките вредности.


На отворањето на конференцијата „Односи меѓу заедниците: Перцепции, надежи и стравови, предизвици и решенија“ во организација на ЦИВИЛ-Центар за слобода, тој посочи дека стагнацијата во европските интеграции, етнизацијата и партизацијата на политиката и на институциите доведоа до длабока поларизација во општеството и дека предизвик денес и во иднина е што да направиме за да ја подобриме состојбата.

Најповолни услови за мултиетничка кохезија, според претседателот, нуди функционалната демократија која може да осигури заеднички живот за различните идентитети во етнички, јазично и верски хетерогено општество, какво што е македонското.


Внатрешната кохезија и функционалноста на демократијата, додаде Пендаровски, директно зависат од европските интеграции и од т. н.

европски вредности, кои, пак, имаат дополнително значење во нашиот специфичен домашен контекст.


 -Европските интеграции и вредности се важни и за регионот на Балканот каде што се уште постојат ретроградни тенденции со деструктивен потенцијал кои во услови на бројни кризи, вклучително и војната во Украина, можат негативно да се одразат и врз нас.

Сведочиме дека опасните наративи за големи држави на Балканот се уште се злоупотребуваат за мобилизирање на се поапатичните и се помалубројни гласачи во нашиот регион, особено во изборните години.


На ваквите провокации на кои сме и ние изложени од време на време, одговорот е јасен – европските интеграции се единствената противтежа на сите оние кои се обидуваат да го поделат општеството, да ги свртат заедниците една против друга, за да можат да ги реализираат своите анахрони идеи, истакна Пендаровски на конференцијата организирана во пресрет на 21 Мај – Светскиот ден на различностите.

 Нашиот модел на соживот, како што рече, надживеа државни системи и идеологии, војни, конфликти и бројни кризи, но порача дека „тоа не значи дека имаме луксуз да живееме на стара слава“.

– Работата е далеку од завршена, затоа што прашањето на меѓуетничка кохабитација никогаш не можете да го архивирате како дефинитивно одговорено.

Ни треба многу поголема политичка и институционална поддршка за помалобројните етнички заедници со цел да го зајакнеме специфичниот македонски модел на соживот.

Наспроти некои толкувања, Рамковниот договор не е само македонско-албански договор, туку е договор за сите.

Договорот подразбира целосна интеграција во институциите на државата не само на Албанците, туку и на сите етнички заедници во Северна Македонија, независно од нивната бројност, рече Пендаровски.

Националниот координатор за мултикултурализам, Роберт Алаѓозовски, посочи дека државата има активни политики со кои се негува различноста и се унапредуваат правата на сите етнички заедници и дека се инсистира сите институции во државата да ги подобруваат своите капацитети и подобро да ги штитат и унапредуваат правата на заедниците.

-За жал, во нашата земја имаме и партиски и политички кругови кои се уште инсистираат на етнонационалистички, на исклучиви, на ксенофобични политики и тие центри го влошуваат амбиентот, без разлика на тоа колку владини политики постојат.

. .

Треба да направиме соработка,  платформи на социјална кохезија и да ги разбиеме тие јазови, зашто, иако имаме резултати, нашето општество се уште живее поделено, што го прави лесен плен на етнонацоналистичките политики што се присутни, рече Алаѓозовски.

Соопшти дека во последните години дадена е голема поддршка и помош од разни инстанции – и во Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Министерството за политички систем и  Министерството за култура, многу фондови на поддршка со кои, како што рече, се подобрени уживањето на правата и промовирањето на вредностите на мултикултурализмот и интеркултурниот дијалог.

Унапредено е, рече, и мултилингвалното образование и подоброто запознавање на учениците, а стотици професори и наставници поминале обуки за подобрување на нивните интеркултурни компетенции и за подобрување на методологијата за работа во мешани средини.

Се промовираат и клучните концепти и политики на Советот на Европа и особено, рече, се инсистира на вредностите на суштинска комуникација меѓу граѓаните.

Во последните три-четири години е констатиран напредок во извештаите на советодавниот Комитет за национални малцинства, Комисијата за заштита од дискриминација и извештајот на ЕУ, кои исто така лоцираат и предизвици.

-Еден од предизвиците секако е сегрегацијата која кај нас е просторна – тоа се заедниците во кои граѓаните живеат, и временска – на пример се уште во училиштата има стара политика на учење на различните етнички заедници во различни смени, рече Алаѓозовски.

Тоа е клучен предизвик и обврска во новата стратегија, а за да се надмине, рече, мора да се унапреди интеретничката интеграција, пред се во училиштата, но и во сите делови на општеството.

 Според Петар Арсовски, почесен конзул на Луксембург, нашиот капацитет да ги третираме нашите различности како поволност, а не хендикеп, е нешто што мора да го научиме.

-Не сме се родиле со тоа, ниту сме го наследиле од претходни генерации. Мора да го создадеме. Нашиот капацитет да оформиме заедничка визија за иднината е, исто така, нешто што мора да го направиме.

Затоа инвестицијата во ваков постојан дијалог, во разговор, во дебати, во инклузивни политички, социјални и критички практики се за нас многу важни.

Влегуваме во едно време во кое можеби ќе се крши геополитички и геостратешки судбината на нашиот регион, па и нашата,  и ние мора да ја најдеме во нас силата за вистински исчекор кон некаква заедничка визија, рече Арсовски.

хс/нд/Фото: МИА .

Извор: МИА