Конференција: Дигитална трансформација на општеството на ефикасен, безбеден и етички начин


Дигиталните технологии нудат многу можности за подобрување на животот на граѓаните, но треба да бидат искористени на ефикасен, безбеден и етички начин. Дигиталната трансформација треба да биде инклузивна, предводена од граѓаните и приспособена на нивните потреби, а приоритет да бидат дигиталните компетенции на младите како една од најранливите категории во општеството и негови идни лидери.


Кон таа цел е фокусирана меѓународната конференција „Дигитална трансформација за граѓаните” која во организација на Фондацијата „Метаморфозис“ се одржува денеска и утре во Скопје.


Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на отворањето на дводневната конференција рече дека дигиталната трансформација е реалност на 21 век и не е прашање на желба или избор, туку на опстанок и развој во нови услови.

-Таа има потенцијал да донесе радикални подобрувања, да го забрза решавањето на системските проблеми кои се напластувале во изминатите децении и кои го кочат развојот. Употребата на дигиталните технологии води кон поголема ефикасност, кон помали трошоци, подобар квалитет на животот и кон намалување на корупцијата при доаѓање на граѓаните до услугите, истакна Грковска, додавајќи дека се работи за процес кој неминовно ќе се случи, но не преку ноќ, и дека е поврзан и со придружни опасности како што е сајбер безбедноста.


Справувањето со ризиците, рече таа, мора да се одвива паралелно со развивањето на дигиталните услуги, за граѓаните да имаат заштитени лични податоци во дигиталниот свет. Нагласи дека покрај инвестиции во дигиталната инфраструктура, важна е и едукацијата за стекнување дигитални вештини на населението.

Соопшти дека Владата пред две недели го усвои Концептот за дигитална трансформација на општеството кој ќе се спроведува со други институции, со приватниот и граѓанскиот сектор и со академската заедница и дека неговата примена ќе овозможи системска и организирана трансформација на општеството.


-Спроведување на Концептот, меѓу другото, значи воведување на електронската лична карта и мерки со кои ќе се поддржи поврзувањето на сите домаќинства на широкопојасни услуги за да се избегне продлабочувањето на постоечките дигитални јазови во општеството и маргинализација на цели групи од општествените текови… Концептот предвидува формирање Агенција за дигитализација која ќе дава насоки за управување со промените при дигитална трансформација на администрацијата…, истакна Грковска.

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу во воведното излагање информираше дека главна цел треба да биде управувањето со човечки ресурси и оптимизацијата на бизнис-процесите во институциите.


-Многу често не се дава значење на тоа. Како земја не сме го напреднале овој процес во различни институции, во образованието, во здравството, ја немаме и потребната култура и соработка да бидеме поотворени на процесите. Затоа каскаме и сме два чекора поназад, не ги искористивме можностите што ни ги даде КОВИД-от за побрза дигитална трансформација и повторно почнуваме од нула да развиваме процеси со новите технологии. Институциите и граѓанските организации заедно треба да направат култура за дигитален напредок која се создава само преку соработка, отвореност и во чекор со времето, затоа што дигиталните технологии се многу динамични и се менуваат секојдневно, истакна Алиу.

Соопшти дека како министер кој е во Владата еден месец ќе се залага активно за спроведување на стратегиите на МИОА за дигитализација и за сајбер-безбедност и порача дека е потребно соработка и менување на менталитетот во користење на дигиталните технологии.

-Ќе се обидеме да дигитализираме 150 услуги за граѓаните, тоа е иницијатива што сакаме наскоро да ја имплементираме. На пример, со поштите во Македонија, каде што може да се применат дигиталните услуги… Треба да има и поголема соработка и комуникација меѓу министерствата, и да работиме на менување на менталитетот, а не на инфраструктурата, зашто најчесто нас не обвинуваат дека ние треба да ги информираме граѓаните да ги користат овие технологии, додаде Алиу.

Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата „Метаморфозис“, која ја организира конференцијата, истакна дека главен предизвик е сајбер-безбедноста, не само како технологија, туку како стандарди и протоколи во самите институции и како способност на луѓето да навигираат низ комплексниот дигитален простор и да бидат поотпорни на дезинформации.

-Ова е предизвик сега и во иднина. Друг предизвик е јазот на вештини, сите во општеството треба да ги имаат потребните вештини за да ги користат услугите што им ги дава Владата. Отпорот и стравот кон промена е исто така уште еден предизвик кој е важен зашто ја кочи дигиталната трансформација во нашиот регион. Без пристап со отворен ум и без инклузивен пристап не можеме да се надеваме дека дигиталната трансформација ќе ги донесе корисните работи, истакна Јашари на отворањето на конференцијата која денеска и утре ќе опфати седум панел-дискусии со учесници од регионот. хс/нд/

Фото: МИА