Breaking News

Кoмбинација на најдобрите практики од Северна Македонија и Холандија за подобро млекопроизводство


Тројца фармери – студенти од Холандија беа во тринеделна работна и едукативна посета на македонски фарми.


Се вклучија во процесот на работа и во секојдневните активности: подготовка на храна, молзење, помош и работа во поле, наводнување на пченките за производство на силажа, жетва и складирање на житните култури.


Со своите домаќини разменија искуства и знаења.

По посетата, оценката на младите холандски фармери е дека гледаат многу можности во земјава и огромен потенцијал за развој на македонските фарми, како и дека примарното млекопроизводство може да направи голем напредок во наредните години.


Престојот на фармерите – студенти од Холандија го овозможија „Битолска млекара“ и Холандската стопанска комора.

-Знаејќи го значењето и потребата од развој и унапредување на примарното млекопроизводство за квалитетот на млекото и воопшто за зацврстување на домашната млечна индустрија, вложуваме и во овој заеднички проект со Холандската стопанска комора.


Со постојаното инвестирање во домашните фарми, сега стигнавме до степен не само да учиме, туку и да разменуваме искуства и нашите фармери да пренесуваат знаења, што е резултат на долгогодишната стратегија на „Битолска млекара“ за модернизирање на македонските семејни фарми.

Ваквиот пристап може да доведе до системски промени што ќе значат унапредување и зајакнување на домашното млеко производство.


Младите фармери од Холандија се пионерите на почеток на еден концепт на размена на студенти и фармери кој во иднина треба да добие едукативен карактер за развој на нашето земјоделство, сточарство и фармско производство.

Затоа значењето на овој проект е големо, отвора многу можности за фармерството и млекопроизводството во Македонија и може да направи голем напредок во наредните години, изјави Виктор Стојмановски, менаџер на сурово млеко во „Бимилк“.

Според „Битолска млекара“, секој од фармерите поседува своја семејна фарма со околу 200 молзни грла и со околу 40-тина хектари обработлива површина за производство на храна за фармата.

Младите фармери имаат стручно образование за фармерство – развој и унапредување на фармите и секој од нив е запознаен со основните функции на фармата, управување со земјоделска механизација, подготовка на оброци за кравите според молзна група, молзење, припрема и исхрана на телињата.

Покрај основните обврски секој од нив на својата фарма врши и нарачка на расплоден материјал и вештачко осеменување на кравите, обработка на папците на кравите, апликација на лесни медикаменти под директива на матичниот ветеринар.

-Студентите фармери со голем ентузијазам се впуштија во секојдневните активности на фармите, следејќи го секој чекор и вклучувајќи се во секоја етапа и процес на работа.

Гледаат огромен потенцијал за развој на македонските фарми.

Од искуството стекнато од престојот тука велат дека за развојот на сопствените фарми би примениле пристап што го научија овде, би вложиле во механизација за да можат сами да ги прават сите потребни работи, за што поефикасно добивање на што поквалитетен и врвен производ со одлични придобивки.

Гледаат многу можности во Македонија и според нивното мислење примарното млекопроизводство може да направи голем напредок во наредните години, истакна Боб Смит од Холандската стопанска комора.

Посетата на холандските студенти е дел од проектот на „Битолска млекара“ и Холандската стопанска комора за поттикнување на развојот и унапредувањето на фармското одгледување на расни говеда за производство на млеко.

За подобро да се информираат околу состојбата во македонското сточарство, тие посетија повеќе поголеми и помали фарми во регионот на Битола и Прилеп.

-Холандските фармери учат и остваруваат практична работа на македонските фарми, но истовремено и ги пренесуваат своите знаења за имплементирање во домашното фармерство.

Ова е втор проект, по проектот во 2019 година, кој вклучуваше посета на студенти по ветерина од Холандија, но поради КОВИД кризата се реализира дури годинава, велат од „Битолска млекара“ и најавуваат дека проектот за размена на знаење и искуства меѓу домашните и холандските фармери ќе продолжи, со посета на следната група млади сопственици на семејни фарми.

мч/са/     .

Извор: МИА