Breaking News

Кац: Главни цели на Израел се враќање на заложниците и на безбедноста 


Со моите колеги од ЕУ ќе разговараме за две цели – за враќање на заложниците и за поддршката на Израел во разбивањето на Хамас, кој изврши брутален напад врз нас, изјави денеска израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац при пристигнувањето на заседанието на Советот за надворешни работи на Европската Унија во Брисел.


 – Многу е важно што е можно побрзо да вратиме заложниците дома, вклучително и ова бебе и овие млади жени на кои на фотографиите можете да видите што им направиле, изјави Кац покажувајќи фотографии од заложници киднапирани од страна на Хамас при нападот врз Израел во октомври минатата година.


 Тој истакна дека од клучна важност за Израел е да ја поврати сопствената безбедност.

 – Нашите храбри војници се борат во многу тешки услови за остварување на овие две цели – да ги вратиме заложниците и да ја повратиме безбедноста на граѓаните на Израел, додаде Кац во кусата изјава.


 Состојбата на Блискиот Исток, заедно со случувањата во Украина, се главни теми на денешното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ.

 Покрај со Кац, европските шефови на дипломатиите ќе се сретнат и со нивните колеги од Саудиска Арабија, Фајсал бин Фархан Ал Сауд, на Египет, Самех Шукри и на Јордан, Ајман Сафади и со генералниот секретар на Лигата на арапски држави, Ахмед Абул Геит и на крајот одвоено и со министерот за надворешни работи на Палестинската автономна управа, Ријад ал Малики.


  Пред почетокот на Советот, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел најави дека на заседанието ќе се разговара за сеопфатен пристап за процес за создавање на две држави како мировно решение за Блискиот Исток, идеја која ја отфрли израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

сп/Фото: ЕБС .


Извор: МИА