Breaking News

Кандидат на АфД победи за градоначалник во источна Германија


Член на Алтернатива за Германија (АфД) победи на изборите за градоначалник на еден мал град на истокот на земјата, предавајќи и уште една победа на екстремно десничарската партија.


Ролф Вајганд освои 59,4 отсто од гласовите вчера, лесно победувајќи ги другите двајца кандидати во Гросширма, град западно од Дрезден.


Вајганд е претставник на АфД во покраинскиот парламент на Саксонија. На изборите за градоначалник се кандидираше како „индивидуален кандидат“, што значи дека АфД официјално не го предложила.

Изборите во градот со 5. 500 жители станаа неопходни по ненадејната смрт на долгогодишниот градоначалник Волкмар Шрајтер на крајот на минатата година.


Вајганд се кандидираше и за градоначалник на претходните избори, но беше поразен од Шрајтер, член на про-бизнис Слободните демократи.

Во градот Пирна, на околу 60 километри источно од Гросширма, Тим Лохнер ја презеде функцијата градоначалник на почетокот на неделата. Лохнер не е член на АфД, но партијата го предложи за избор.


Главниот политички белег на АфД е тврдокорниот антиимиграциски став, а партијата профитира од зголемената загриженост на многу германски гласачи за зголемениот број баратели на азил во земјата.

Подемот на АфД во анкетите во текот на изминатата година предизвика вознемиреност меѓу главните партии во Германија и доведе до жестока јавна дебата.


Илјадници луѓе се приклучија на протестите против екстремизмот низ Германија во последните месеци. мс/фото: МИА архива .

Извор: МИА