Breaking News

Каматната стапка на благајничките записи зголемена за дополнителни 0,25 процентни поени


Народната банка  ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за дополнителни 0,25 процентни поени и таа сега е на ниво од 6 проценти.


На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика, одржана вчера, е донесена и одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити за по 0,25 процентни поени со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,90 проценти и 3,95 проценти.


Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

– Со последната промена продолжува циклусот на затегнување на монетарната политика којшто започна од крајот на 2021 година, прво преку активно управување со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а потоа од април минатата година и со зголемување на  каматната стапка на благајничките записи, како и на каматните стапки на другите монетарни инструменти.


Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски и макропрудентни мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот и прагови за следење на квалитетот на кредитната побарувачка, со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем, велат од Народната банка.

Посочуваат дека поместувањата во изминатиот период во сегментите релевантни за монетарната политика се главно во согласност со очекувањата, но дека ризиците и натаму постојат.


– Од тие причини е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, заради стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа.

Имено, во согласност со очекувањата, во мај 2023 година, годишната стапка на инфлација и натаму забавува, а забавување бележи и базичната инфлација, којашто во мај се сведе на едноцифрено ниво.


Сепак, инфлацијата и натаму е висока и над историскиот просек, а базичната инфлација којашто сѐ уште е висока упатува на тоа дека преносните ефекти од цените на енергијата и храната сѐ уште не се целосно исцрпени.

Очекувањата за идната динамика на цените на примарните производи на берзите се засилуваат во надолна насока, но и натаму се проследени со  неизвесност, нагласува Народната банка.

На девизниот пазар движењата се поволни, а, според централната банка, растат и приливите на менувачкиот пазар.

Во такви околности, како што се наведува, Народната банка е присутна на девизниот пазар со откуп на вишокот девизна ликвидност.

Во однос на расположливите податоци од надворешниот сектор, според Народната банка, движењата се поволни, односно трговскиот дефицит засега е понизок од очекувањата за вториот квартал од 2023 година според априлската проекција.

 Во првиот квартал од годинава, реалниот раст на БДП забрзал достигнувајќи 2,1 проценти на годишна основа.

Податоците за април покажуваат умерени негативни движења кај индустриското производство, наспроти минималниот раст во претходниот квартал, како и реален годишен пад на прометот во вкупната трговија, по растот во претходниот квартал.

Во однос на монетарните движења, првичните податоци за мај засега се во согласност со проекциите за забрзан раст кај депозитите, а поумерен кај кредитите во вториот квартал од годината.

бак/сп/Фото: МИА архива  .

Извор: МИА