Јужнокорејските лекари добија рок до крајот на месецот да се вратат на работа


– Владата на Јужна Кореја денеска им даде рок на младите лекари до крајот на февруари да се вратат на работа или ќе се соочат со санкции за организирање на седумдневен протест, за време на кој неколку големи болници ги прекинаа услугите за пациентите.


Речиси две третини од лекарите-приправници ги напуштија своите работни места во знак на протест против владиниот план за зголемување на квотите за упис на медицинските факултети, со кои сакаат да го реши проблемот со недостигот на лекари, особено во едно од општествата кое најбрзо старее во светот.


Поради протестите, болниците беа принудени да одбијат некои пациенти и да откажат операции.

– Со оглед на сериозноста на ситуацијата, владата ја дава последната молба, рече министерот за безбедност Ли Санг-мин на отворањето на состанокот на работната група, додавајќи дека службите за итни случаи западнале во „опасна ситуација“.


– Доколку се вратите на работа до 29 февруари, нема да одговарате за направената штета.

Запомнете, вашиот глас ќе се слушне најгласно и најефективно кога ќе бидете рамо до рамо со пациентите, рече министерот.


Владата претходно ги предупреди лекарите дека ќе преземе правни мерки против оние кои ја игнорираат нејзината молба и одбиваат да се вратат на работните места во болниците, вклучувајќи апсења, судски обвиненија или одземање на лиценцата.

Младите демонстранти бараат владата прво да се справи со висината на платите и условите за работа, а потоа да го зголеми бројот на идните лекари.


Јужнокорејскиот заменик-министер за здравство Парк Мин-су се закани дека ќе му ја одземе лиценцата на најмалку три месеци на секој што нема да се врати на работа до 1 март.

Другите лекари, како и вработените во приватните клиники, не се приклучија на протестот, туку одржаа собири со кои ја повикаа владата да се откаже од планираното зголемување на квотите на медицинските факултети.

Сепак, многу граѓани на земјата го поддржуваат планот на владата, која ја предводи претседателот на земјата, Јун Сук Јеол.

Неодамнешната анкета на Галуп покажа дека три четвртини од граѓаните го поддржуваат.

За да се подобри достапноста и квалитетот на здравствените услуги, владата на Јужна Кореја најави дека ќе го зголемува бројот на студенти по медицина за 2.

000 секоја година и ќе ја прошири правната заштита од тужби и казнено гонење за несовесно постапување. јт/Фото: ЕПА .

Извор: МИА