Breaking News

Јовески: Обвинителите и судиите се должни да го применуваат законот, иако постојат закони со кои не го делат мислењето


Јавниот обвинител Љубомир Јовески во врска со застарувањето на дел од делата согласно последните измени на Кривичниот законик вели дека онаму каде што ќе се утврди дека настапиле елементи на застарување на кривичното гонење, Обвинителството и судовите ќе донесат соодветни одлуки.


На новинарско прашање, Јовески денеска истакна дека обвинителите и судиите се должни да го применуваат законот, иако постојат закони со кои тие не го делат мислењето.


-Едно е моето чувство, друго е примената на Законот. И обвинителите и судиите должни се да го применат законот.

Во конкретниов случај, онаму каде што ќе се утврди дека настапиле елементи на застарување на кривичното гонење, Обвинителството и судовите ќе донесат соодветни одлуки.


Секој обвинител и судија има многу закони во кој тој не го дели мислењето или ставот на Законот, но едноставно мора да го почитува.

Така и во конкретниот случај, без разлика ние како обвинители што лично сметаме и мислиме во делот на одредени конкретни законски решенија должни сме да ги почитуваме овие законски решенија и одлуките да ги носиме согласно нив, рече Јовески, по денешната седница на Советот на јавни обвинители.


Собранието се уште нема распишано оглас за нов јавен обвинител, иако мандатот на Јовески истекува. Тој вели ја известил Владата за истекувањето на неговиот мандат.

-Согласно Законот за ЈО, јас ја известив Владата за истекување на мојот мандат.


Натаму постапката мора да ви кажам дека не ми е позната до каде е во делот на изборот на нов јавен обвинител, но доколку до 25 декември не се избере нов јавен обвинител, Законот ја предвидел таквата можност, Советот на јавните обвинители, ќе именува вршител на должноста и јавен обвинител, од редот на јавните обвинители во ЈО на РСМ, рече Јовески, по завршувањето на денешната седница на Советот на јавни обвинители.

 Извештај на Европската комисија во однос на борбата против корупцијата, како што рече, ќе го коментира откако ќе го види.

 Да видиме што констатира ЕУ, па после тоа ќе се произнесам во врска со ставовите во извештајот, рече јавниот обвинител Јовески. ра/лв/Фото: МИА .

Извор: МИА