Breaking News

Извештај на ИКС: Во април забележан раст на штетната содржина на интернет и на Фејсбук-страниците на политичките партии и на нивните лидери


– Извештајот на Институтот за комуникациски студии во кој се мониторираат и се анализираат штетните наративи на политичките актери и нивното ширење во медиумите покажува раст на штетната содржина на интернет и на Фејсбук-страниците на политичките партии и на нивните лидери во април 2024 година.


Според извештајот, во април се забележува раст на штетната содржина на интернет и на Фејсбук-страниците на политичките партии и на нивните лидери ‒ од 142 објави во март на 176 објави во април.


– ВМРО-ДПМНЕ, како и во сите претходни месеци, е политичка партија со најмногу идентификувани штетни наративи (43 објави).

Новина е што овој пат Левица изби на второто место со 38 токсични објави, а СДСМ, која во изминативе месеци од мониторингот редовно беше второпласирана, во април се најде на третото место со 29 објави со штетни наративи.


Кај ДУИ во текот на април продолжи да расте бројот на штетните објави (14), а кај опозициските партии на етничките Албанци во земјата, здружени во предизборната коалиција Вреди, беа забележани повеќе објави со штетни наративи на Фејсбук-страниците на лидерите на партиите во коалицијата и незначително намалување на објавите со штетни наративи на интернет-страниците на Алтернатива (3) и на Демократско движење (1), стои во извештајот.

 Со десет објави со штетни наративи меѓу партиските лидери предводи Изет Меџити, лидерот на Демократско движење и дел од коалицијата Вреди.


По него, со седум објави со штетен наратив меѓу партиските лидери се наоѓа Димитар Апасиев од Левица, додека кај лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, се забележани шест објави со штетен наратив.

Како и досега, дополнуваат од ИКС, најчести штетни наративи кои ги пропагирале политичките актери се „пристрасно селектирање“, „поткопување на довербата во институциите“ и „напади на лична основа и/или демонизирање противници“ и тоа се истите наративи кои ги пренеле медиумите.


Дополнително, извештајот покажува дека кај онлајн медиумите во април има благ пораст на „екстремен патриотизам и национализам“ и „етноцентризам“ во однос на претходниот месец.

Штетниот наратив „ширење паника и страв“ во истиот период бележи раст кај сите мониторирани субјекти.

Кај медиумите, пак, во месецот кога стапија на сила посебните правила за известување за изборните процеси и за платеното политичко рекламирање (според Изборниот законик, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Законот за медиумите), со мониторингот на ШТЕТ-НА се утврдени два рекорда.

 – Кај онлајн медиумите се евидентирани дури 261 објава со штетни наративи, што е највисока бројка досега споредено со претходните месеци (февруари ‒ 211, март ‒ 224).

Спротивно од онлајн информирањето, кај ТВ-станиците, пак, е нотиран досега најмал број „штетни“ прилози – 55, продолжувајќи го трендот на намалување од март (79), велат од ИКС.

       Портал со најголем број објави со штетни наративи во април е Курир (54 прилози), кој и во претходните месеци (февруари и март) е на врвот на „скалилото“, а потоа следат А1Он (33), Вечер.

мк (29), Алмакос (28) и Република (27).

 Од друга страна, кај ТВ-станиците најмногу прилози со штетни наративи се забележани кај ТВ Алфа (14), но и кај оваа телевизија се забележува драстичен пад (40 во февруари, 35 во март) што е карактеристичен за повеќето ТВ-станици.

Кај ТВ 21 се забележани осум, кај Канал 5 регистрирани се седум, Алсат М (6), МТВ 1 и МТВ 2 (по 5) , Сител (4) и кај ТВ Телма и ТВ 24 по три прилози со штетни наративи.

Од ИКС дополнуваат дека во периодот на изборната кампања, забележливо е дека фејсбук-профилите на министрите во Владата кои беа истовремено и кандидати во изборниот процес, активно се користеа за промоција на нивните активности во рамки на кампањата, со што се злоупотребува користењето на официјалните владини канали за комуникација за лична промоција и партиски потреби.

Истражувањето ШТЕТ-НА ИКС го спроведува со истражувачи и експерти од областа на комуникациите и на медиумите.

Предмет на мониторинг се 10-те политички партии и нивните лидери чии партии бројат најмалку двајца пратеници во парламентарниот состав 2020 ‒ 2024 година, како и Фејсбук-комуникацијата на членовите на Владата на Северна Македонија.

 Кај медиумскиот мониторинг се следат 11 онлајн медиуми и 9 телевизиски станици.

Ова истражување се реализира во рамки на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија: Користи факти“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

ар/нд/Фото: ИКС .

Извор: МИА