Breaking News

Извештај на ЕК: Северна Македонија умерено подготвена во делот на транспортот


  Северна Македонија е умерено подготвена во делот на транспортот.


Постигнат е ограничен напредок во сите видови транспорт иако е направено делумно усогласување со законодавството за воздухопловна безбедност, констатира Европската комисија (ЕК) во Извештајот за напредокот на земјава во 2023 година.


 Во извештајот е нагласено дека секторските инспекциски тела сè уште го немаат потребниот административен и оперативен капацитет и дека нема политичка заложба за реализација на неопходните секторски железнички реформи.

Препораките од претходната година, како што стои во извештајот, не се применети и остануваат во сила.


  ЕК препорачува државава следната година да обезбеди соодветен оперативен и административен капацитет на инспекциските тела и да го намали бројот на смртни случаи на патиштата и на пругите.

Исто така, да спроведе реформски мерки за  железничко поврзување, да го либерализира железничкиот пазар, да го усвои и спроведе законодавството за интелигентни транспортни системи (ИТС).


Според извештајот, европската транспортна легислатива е содржана во клучните стратешки документи за транспортот и неговите потсектори.

Ограничен напредок е постигнат во подготовката на акцискиот план за Националната транспортна стратегија 2018-2030 година.


Се укажува дека има напредок во подготовката на националната ИТС стратегија, која се уште не е усвоена и оти националните закони за оваа област не се усогласени со соодветната европска Директива.

Европската комисија констатира дека државава се уште нема соодветен оперативен и административен капацитет за сите видови транспорт и оти не се направени напори за нивно зајакнување, што пак, како што истакнува, резултира со неефективна примена на Зелената агенда за Западен Балкан.

Во извештајот се посочува дека се уште не е формирано независна тело за истрага на железнички несреќи, како и дека поголемите градови треба да развијат одржливи планови за мобилност со почитување на еколошките и социјалните стандарди, во согласност со најдобрите европски практики.

Потребни се дополнителни напори за усогласување со европското законодавство за јавниот патен и железнички превоз.

 -Правната рамка за патниот транспорт е претежно усогласена со правото на ЕУ и  не е постигнат напредок во текот на извештајниот период.

Законот за опасни материи е усогласен со европското законодавство, но сè уште не е назначено правно лице кое ќе спроведе оцена на сообразност на постоечката опрема за превоз на опасни материи.

Се уште не воспоставено оперативно тело за безбедност во патниот сообраќај бидејќи  е усвоен  потребниот закон,  како и национално тело за истрага на несреќи, не се усвоени и имплементирани акциски планови за инспекција и ревизија на безбедноста на патиштата.

Останува слаб техничкиот капацитет на Државниот инспекторат за транспорт,  а одржувањето на патиштата се уште се врши неефикасно и треба да се подобри, стои во извештајот за патниот сообраќај.

 Во однос на железничкиот транспорт, ЕК нотира дека се исполнети главните барања за раздвојување на управувањето на инфраструктурата и националниот оператор за транспорт,  но оти понатамошното усогласување со големи делови од легислативата за единствената европска железничка област продолжуваат да се одложуваат.

Се нагласува дека допрва треба да се отвори домашниот железнички пазар и оти не се спроведува соодветно законодавството за безбедност и интероперабилност на Железницата доенесено во 2016 година.

Почнати се подготовки за јакнење на оперативниот капацитет на Управата за безбедност на железничките системи, а нема напредок за формирање тело за истраги на несреќи.

  Во областа на воздухопловството, според ЕК, државава има добро ниво на усогласеност со европската легислатива, како и делумно усогласување кај законодавството за воздухопловна безбедност.

-Северна Македонија треба да ги зголеми напорите за усогласување и спроведување на европското законодавство за права на патниците, стои во извештајот. лв/ац/фото: МИА архива    .

Извор: МИА