Breaking News

Извештај на ЕК: Потребно е посистематско спроведување на законодавството за заштита на основните права 


– Северна Македонија продолжува да ги исполнува своите општи обврски за основните права, но законодавството треба да се спроведува на посистематски начин, се посочува во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава во делот на почитувањето на основните права, при што се додава дека правната рамка на земјата за нивна заштита е делумно усогласена со правото и стандардите на ЕУ за основните права.


 ЕК оценува дека со измените на Кривичниот законик во февруари 2023 година е постигнат напредок во делот на регулирање на кривичните дела за родово засновано насилство, но посочува и дека Парламентот треба да врши именувања на членови на регулаторни тела за оваа сфера врз основа на заслуги.


 – Функционалната независност на телата за човекови права мора да се гарантира во секое време. Тоа, меѓу другото, значи и доделување доволно средства.

Службите за жртви на родово насилство се уште имаат потреба од засилување и соодветно финансирање за да ги исполнат стандардите утврдени со Истанбулската конвенција, се наведува во Извештајот.


 Во документот се посочува дека лицата со попреченост и натаму се соочуваат со директна и индиректна дискриминација, социјална исклученост и ограничувања, како и дека Канцеларијата на Народниот правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација потпишаа меморандум за разбирање за официјализирање на нивната координација.

 – Состојбата во затворите се уште е страшна.


Препораките дадени од Европскиот комитет за спречување на тортура за третман на притворени и осудени лица не беа адресирани, што предизвикува сериозна загриженост.

Условите за притвор треба да се подобрат со најголема итност, смета Комисијата.


 Според ЕК, посебно внимание треба да се посвети на промовирање на недискриминацијата, зголемување на ефективноста во справувањето со насилството и говорот од омраза и зајакнување на капацитетот и независноста на институциите задолжени за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинските заедници.

 – Агенцијата за остварување на правата на заедниците треба да добие доволно средства за понатамошно промовирање на заштитата на малцинствата и спроведувањето на националната стратегија „Едно општество за сите и интеркултурализам“.

Треба да се зајакне капацитетот на службениците за спроведување на законот и кривичната правда за ефикасно спречување и кривично гонење на сите случаи на насилство, злосторства од омраза и говор на омраза, се додава во Извештајот.

 ЕК посочува дека надворешниот надзорен механизам над полицијата, вклучително и затворската полиција, се уште не е целосно функционален, а тројцата претставници на граѓанскиот сектор допрва треба да бидат избрани од Собранието.

 – Донесените измени на Законот за матичните книги го отвораат патот кон решавање на случаите на бездржавјанство и исполнување на меѓународните обврски на државата, смета Комисијата.

 Во извештајот се посочува и дека земјата е меѓу одредено и умерено ниво на подготовка во областа на слободата на изразување.  – Генерално, постигнат е ограничен напредок.

Општиот контекст е поволен за слободата на медиумите и овозможува критичко медиумско известување.

Изменетиот Кривичен законик и Законот за граѓанска одговорност за клевета го подигнаа севкупното ниво на правна заштита на новинарите.

Сепак, забележани се голем број напади, закани и одредено застрашувачко однесување кон новинарите, се додава во Извештајот, при што се потенцира дека условите за работа на новинарите остануваат предизвикувачки.

 Според ЕК, потребна е поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии, како и реформа на јавниот радиодифузен сервис за да се зајакне неговата независност, професионални стандарди и финансиска одржливост.

 – Од декември 2018 година, Парламентот го одложува назначувањето на Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и Советот за медиуми, се наведува во документот.

 Во Извештајот се посочува и дека земјата е умерено подготвена во областа на надворешните односи и достигна добро ниво на подготовка за заедничката надворешна и безбедносна политика и постигна одреден напредок во текот на периодот на известување за заедничката трговска политика.

– Таа постигна добар напредок со одржување на целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Со тоа, Северна Македонија се покажа како доверлив партнер, вклучително и на меѓународно ниво.

Во однос на регионалната соработка, земјата одржува добри односи со другите земји од проширувањето и продолжи да се ангажира во регионалните иницијативи.

Постојните билатерални договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, се додава во Извештајот.

сп/ац/Фото: МИА Архива .

Извор: МИА