Breaking News

Изложба на фотографии „Жените и спортот“, омаж на врвните спортистки од Северна Македонија


Изложбата на фотографии „Жените и спортот“ на Маја Аргакијева со која им се приредува омаж на врвните спортистки од Северна Македонија беше отворена вечерва во Трговскиот центар „Ист гејт Мол“.


Изложбата се реализира во пресрет на Олимписките игри во Париз 2024, првите игри на кои ќе биде адекватно застапена родовата еднаквост, односно ќе има еднаков број на машки и женски спортисти.


Дел од изложбата организирана од Француската амбасада во Македонија се спортистките Ана Цветановска – нордиско скијање, Анамарија Георгиевска – Таеквондо, Арбреша Реџепи – Џудо, Дрита Исљами Бафтири – Атлетика 400м со пречки, Ива Пројковска – Фудбалски судија од рангот ФИФА/УЕФА/ФФМ, Катерина Николоска – џудо, Милијана Рељиќ – Таеквондо, Наташа Мешковска – пливање 200 метри пеперутка и Пулексенија Јованоска – карате.

Францускиот амбасадор во државава, Сирил Бомгартнер, на настанот истакна дека овие спортистки се пример за младите, а особено за младите девојки и жени од земјава.


– Сите вие преку вашите настапи придонесувате за меѓународната афирмација на земјата и за ширење на вредностите за еднаквост помеѓу мажите и жените, кои нашите две земји ги поддржуваат, рече амбасадорот.

Изложбата беше реализирана со поддршка од Грчката амбасада, чиј претставник на вечерашниот настан беше амбасадорката Софија Филипиду која им порача на присутните и сите други да се инспирираат од примерот на овие атлети, кои, како што рече, се симбол на женското омоќување.


 Претседателот на Македонскиот Олимписки Комитет, Даниел Димевски, истакна дека оваа изложба придонесува кон родовата еднаквост во спортот.

– Многу е важно бидејќи ни треба балансот, балансот е магичниот збор кој што е потребен секаде.


Сигурен сум дека откако оваа извонредна изложба ќе заврши, овие фотографии ќе бидат дел од Македонскиот олимписки комитет и ќе сведочат за успесите на спортистките, рече тој.

Ива Пројковска, фудбалска судијка и дел од изложбата, за МИА изјави дека се надева оти изложените фотографии ќе ги мотивираат младите сѐ почесто да се занимаваат со спорт.

– Да ги постигнат успесите кои сме ги достигнале ние и да нѐ поминат, како и да настапат на некоја следна Олимпијада, рече таа.

За каратистката Пулексенија Јованоска, поентата на оваа изложба е да се долови моментот дека жената може да биде еднакво застапена во спорот како и во уметноста.

– Драго ми е што изложбата ја направи Маја Аргакијева, жена која што беше инспирирана од нашите успеси како спортистки, од секој спорт индивидуално, да може да ја искаже силата и убавината во спортот преку една фотографија, рече таа.

Фотографката Маја Аргакијева, во изјава за МИА рече дека идејата ѝ била преку убавината и моќта на природата, да ја покаже и убавината и моќта на жената, бидејќи, како што рече „нема ништо поубаво и помоќно од природа и од жена“.

За посетителите, оваа изложба ќе биде отворена од утре во Трговскиот центар „Ист гејт Мол“, просторот пред H&M. ар/лв/ФОТО/МИА  .

Извор: МИА