Breaking News

ИНРМ бара од пратениците да не ги поддржат четирите предлог закони за реализација на стратешки енергетски инвестициски проекти


Здружението на инженери на Република Македонија (ИНРМ) достави допис и упати електронска порака до секој пратеник во Собранието поединечно, со кои бараат да не даваат поддршка на четирите, како што велат, штетни предлог закони за реализација на стратешки енергетски инвестициски проекти што се на дневен ред на 140-тата собраниска седница зашто го нарушуваат енергетскиот суверенитет на државата.


-Свесни сме и сигурни дека енергетските проекти можеме и мораме да ги реализираме со сопствени сили.


Тие мораат да бидат наши македонски, со цел да се зајакне енергетскиот суверенитет на Македонија, како еден од клучните фактори за нејзиниот државен суверенитет.

Договорите кои се составен дел од овие четири предлог закони се штетни по нашата економија и ќе предизвикаат финансиски колапс на Македонија.


Со многу помали ризици и со многу поекономичен приод тие проекти може нашата држава самостојно да ги реализира, им порачуваат од ИНРМ на пратениците.

На 7 февруари, како што велат, престои седница на која ќе бидат поставени за усвојување четири предлог закони за реализација на стратешки инвестициски проекти.


Првиот е Предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект „Митилинеос“,  когенеративна постројка Скопје, по скратена постапка, вториот е  Предлог-законот за реализација на Стратешкиот инвестициски проект „Соларен парк Стипион“ и Договор за стратешки инвестициски проект „Соларен парк Стипион“, по скратена постапка, третиот е Предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ, по скратена постапка и четвртиот е Предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект соларна електрична централа – Пехчево, по скратена постапка.

Бараат пратениците да не дадат поддршка токму за овие четири законски решенија.


-Законот и Договорот за Митилинеос за гасна когенеративна електрана со електрична моќност од 165 мегавати чини околу 180 милиони евра (според сегашните пазарни цени), а во Предлог-законот е истакнат износ од 290 милиони евра.

Македонија зема обврска да му даден државна помош на Митилинеос од скоро 50 милиони евра.

За потребите на Митилинеос Владата зема обврска да изгради индустриска зона „Енергија Скопје“ во кругот на Железарница Скопје на плацови што имаат површини од 115.

000 квадратни метри, чија вредност на чинење и инфраструктурно уредување за потребите на зоната (пристапни патишта, одводна мрежа за отпадни води, трансформатор, цевководи. . . .

, според наша проценка, изнесува околу 20 милиони евра.

Тие на стратешкиот инвеститор му се изнајмуваат за симболична цена од само 10 денари по квадратен метар, при што Македонија се обврзува да врши одржување и обезбедување на индустриската зона.

Покрај тоа, Македонија, а не Митилинеос, после 2030 година ќе има обврска да плаќа околу 25 милиони евра годишно давачка за емисија на јаглероден диоксид – СО2, велат од ИНРМ.

Се обврзуваме, потенцираат, дури и ако немаме потреба, на Митилинеос да му платиме за преземање на околу 1. 000 мегават часови електрична енергија и 275 мегават часови топлинска енергија.

-На тој начин Македонија годишно ќе губи помеѓу 15 и 35 милиони евра со тоа што цените за електричната и топлинската енергија со која Договорот не обврзува да ги купуваме од Митилинеос се од 15 до 35 отсто повисоки од берзанските.

Македонија ќе плаќа 10 пати повисока маржа од нормалната за производство на електрична и топлинска енергија, бидејќи Митилинеос добива загарантирана маржа на годишно ниво од 43,7 милиони евра за електричната енергија (38 ЕУР/MWh) и 4,4 милиони евра за топлинската енергија (16,2 ЕУР/MWh), или вкупно над 48 милиони евра годишно.

Македонија ќе му плаќа на Митилинеос четири милиони евра годишно за старт на постројката, посочуваат од ИНРМ.

Митилинеос, како што велат, добива загарантиран профит од над 40 милиони евра годишно без да има никаков ризик од одлуките на нашиот правен систем, бидејќи со предложениот Закон сите одлуки на Врховниот суд ќе бидат неважечки за Митилинеос, а штетите од неговото работење ќе мора да ги плати државата.

-Законот за јавни набавки не важи за Митилинеос и во целост се исклучува влијанието на нашата судска власт и надлежност се дава само на Арбитражниот суд во Париз за било каков евентуален спор.

Предвидени се бројни пенали што Македонија ќе треба да му ги плаќа на Митилинеос ако не исполни некоја своја обврска од предложениот Закон за стратешка инвестиција.

Митилинеос ќе има чист профит од најмалку 1,2 милијарди евра за 30 години колку што трае договорот за стратешко партнерство, а по 30 години не мора да и ја врати електраната на Македонија, прецизираат од ИНРМ.

Како што велат од ИНРМ, постојат одлуки за кои последиците се краткорочни, но постојат и одлуки каде последиците се долготрајни и ги засегаат нашите поколенија.

-Набројаните штетни одредби се загрижувачки за енергетиката во Македонија која е столб на социјалната сигурност на населението и предуслов за развој на македонската економија.

Затоа со овој допис Ви се обраќаме со искрена надеж дека Вашата совесност, чесност и грижа за Вашите и нашите поколенија ќе влијае да донесете вистинска одлука за Предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестиционен проект „Митилинеос“ когенеративна постројка Скопје, по скратена постапка, и останатите три предложени закони за стратешки инвеститори, односно да не ги поддржите овие закони, има порачуваат на пратениците од Здружението на инженери на Република Македонија, поддржани и од група граѓани.

вј/са/Фото: Принтскрин .

Извор: МИА