Breaking News

Индрек Саар ја претстави својата програма пред пратеници од Делегацијата во ПС на СЕ


Кандидатот од Естонија за генерален секретар на Советот на Европа Индрек Саар денеска ја претстави својата Програма пред пратениците од Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС на СЕ) Дарко Каевски и Александар Николоски.


Како што информира собраниска прес-служба, во пресрет на изборот на нов генерален секретар на Советот на Европа во јуни годинава, Саар на негово барање, ги презентираше приоритетите од неговата кампања.


Таа, како што се наведува, e базирана на Декларацијата од Рејкавик и фокусирана на четири клучни области: Одговорност и помош за Украина; Европската конвенција за човекови права и извршување на пресудите на Судот: Иднината на Советот на Европа – вештачка интелигенција и заштита на животната средина и Развој на Организацијата.

Според Саар, не треба да се штедат напори за понатамошно зајакнување на Организацијата со цел да се подигне нејзината релевантност и видливост.


Исто така, како што рече, треба да се промовира европското единство и да се стимулира дијалог со постоечките и потенцијалните национални и меѓународни партнери.

Пратеникот Каевски, шеф на Делегацијата ПС на СЕ, заблагодарувајќи му се на Саар за непосредната кампања, рече дека за земјава е мошне значајно членството во Организацијата.


Каевски посочи и на изборите за претседател и за пратеници што претстојат во земјава, напоменувајќи дека се можни промени во составот на Делегацијата во ПС пред изборот на новиот генерален секретар на СЕ.

Пратеникот Николоски, член на Делегацијата ПС на СЕ, исто така, му се заблагодари на естонскиот кандидат за презентацијата на неговите приоритети како кандидат за генерален секретар на СЕ, притоа посочувајќи на потреба од дополнителни механизми за имплементација на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, посебно во поглед на малцинствата.


Генерален секретар на СЕ избираат пратениците на ПС на СЕ, од потесен круг на тројца кандидати предложени од Комитетот на министрите, за мандат од пет години.

Тројцата кандидати за оваа позиција овој пат се комесарот за правда на ЕУ, Дидие Рејндерс, поранешниот швајцарски претседател, Ален Берсет и поранешниот министер за култура на Естонија, Индрек Саар.

Пратениците на ПС на СЕ ќе го бираат 15. генерален секретар на Организиацијата во текот на јунската сесија, со тајно гласање, а мандатот ќе започне на 18 септември 2024 година.

Актуелен генерален секретар е Марија Пејчиновиќ Буриќ од Хрватска. Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија има три гласа во Парламентарната Асемблеја на Советот на Европа.

мд/аа/Фото: Собрание на Северна Македонија  .

Извор: МИА