Breaking News

ИМА ја промовираше седмата публикација на анализи „Медиумите и човековите права“


Институтот за медиуми и аналитика ИМА Скопје денеска ја промовираше седмата публикација на анализи „Медиумите и човековите права“ во кои се содржани повеќе анализи и студии на случај за примери од праксата на новинарско известување во кои во дел постојат прекршувања на Кодексот и човековите права.


Народниот правобранител на Република Северна Македонија, Насер Зибери, на настанот ги изнесе искуствата на правобранителството во третманот со човековите права и медиумите.


Тој рече дека искуствата се скромни од причина што граѓаните ретко се обраќаат со претставки во овој формат.

Зибери сподели дека биле вработени неколку претставки кои се однесуваат на дискриминаторски и навредливи содржини за кои отвориле постапка по сопствена иницијатива и во соработка со Собетот за етика во медиумите биле решени.


-Изречениот збор лесно се шири, надалеку се слуша, а ако е погрешен потоа тешко се исправа.

Кога го велам ова пред сѐ мислам на лажните вести и дезинформациите кои можат да имаат огромни последици, рече Народниот правобранител.


Според него, слободата на изразување не треба да се разбере како апсолутно право, туку, новинарите како креатори на јавно мислење мора да прават проверка пред објавување на информациите.

Славица Анастасовска од Хелсиншки комитет за човекови права и автор на една од анализите, сподели примери од праксата каде грешат медиумите кога известуваат за ранливите групи.


Таа изнесе наоди и случаи детектирани преку мониторингот на Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој го следи известувањето на медиумите, но и дискурсот на социјалните мрежи, особено за објави кои што се однесуваат на маргинализирани групи на граѓани, со посебен фокус на говор на омраза и вознемирувачки говор.

На платформата говорнаомраза.

мк во периодот од 1 јануари до 15 ноември 2023 година регистрирани се вкупно 987 случаи, 527 врз основа на етничка припадност, а 272 врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, 222 врз основа на национална припадност, 122 врз основа на политичка припадност и 69 врз основа на пол и род, образложи таа.

Нивната генерална оценка, како што рече, е дека нашата држава е место каде каде што живеат граѓани каде има вкоренети предрасуди и стереотипи, до степен на развиен анимозитет од одредени групи на лица.

Хелсиншкиот комитет го следи известувањето за Воспоставувањето на систем за саморегулација, систем за справување со електронски медиуми и зголемување на капацитети на новинари поврзани со теми за родово базирано насилство и теми од јавен интерес, ги посочи како клучни за подобрување на состојбата.

Вики Младенова, докторантка на меѓународни студии на Универзитетот за ориенталистика во Неапол, зборуваше за границата помеѓу слободата и одговорноста и истакна дека медиумите се далеку од неутрални и пасивни предаватели на информации, тие имаат клучна улога во креирањето на јавното мислење.

Според неа, преку медиумите може полесно да се излезе од војната која што се случува на сите полиња, отколку преку образованието и културата.

Професорот од областа на новинарството и јавните комуникации, Сефер Тахири истакна дека ги анализирал меѓународните документи и домашната правна рамка, како и дека анализирал членови на Закон за медиуми и закон за Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Тахири предложи оформување на омбудсман кој би функционирал во рамките на медиумите.

Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, ги образложи своите лични искуства во овој домен и истакна дека мониторинг тимот на Цивил постојано се занимава со следење на дезинформации, пропаганда и говор на омраза.

-Медиумите и човековите права се меѓусебно поврзани, иманентни едни на други.

  Медиумските слободи овозможуваат борбата за човекови права и човековите права да бидат видливи, да станат дел од општествено политичкото живеење во една земја.

Тоа се местата од каде што луѓето можат слободно да се изразуваат, истакна тој.

Настанот е дел од активностите на ИМА поддржани од Европскиот фонд за демократија од Брисел (ЕЕД), чија цел е унапредување на критичкиот дијалог, третманот на човековите права во медиумите, борбата против медиумската дискриминација, дезинформациите и говорот на омраза.

ар/ев/Фото: МИА .

Извор: МИА