Breaking News

Хуманитарното здружение „д-р Трајче Нешковски“ донираше опрема за училница за деца со попреченост


– Преку донација и активности под мотото „Еден сон, многу можности“ на хуманитарното здружение „Д-р Трајче Нешковски“ опремена е една училница за ученици со попреченост во основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во Гостивар.


Во просторијата, која денес беше предадена во употреба, монтирана е опрема, помагала, играчки и реквизити приспособени за престој и учење.


Идејата за ваквата активност на здружението е да се овозможи инклузивна училница за дваесетина деца кои учат во ова училиште да имаат свое катче.

– Тоа е важно не само во образовниот процес, туку и во општественото живеење воопшто за да создаваме можности, а не ограничувања.


Се надевам дека нашите можности како здружение во иднина ќе дозволат овој пример да го пресликуваме и во други образовни институции, рече Ема Нешковска и упати повик до општествено одговорни компании, институции, здруженија и граѓани да придонесат во процесот на градење на инклузивно општество и еднакви можности за сите.

Следните планови на здружението е да се набави опрема за сензорна интеграција.


На пуштањето во употреба на просторијата присуствуваше и градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари кој искажа благодарност за вложениот труд и остварената соработка.

– Се чувствувам убаво по посетата. Опремата која ја донираа ќе има извонредна и позитивна улога во третманот и престојот на децата со посебни потреби.


Ова е посебно убаво уредно и ме прави среќен, бидејќи гостиварци покажуваат внимание и мислат на лицата со посебни потреби и заеднички се обидуваме да им помогнеме, рече градоначалникот Таравари.

Настанот со предавањето во употреба беше проследен со програма која учениците ја подготвија со нивните наставници по повод одбележувањето на Светскиот ден на лицата со попреченост, 3 Декември.

згм/мд/фото: МИА  .

Извор: МИА