Breaking News

Групата Идентитет и демократија – алатка на бракот од интерес на европската екстремна десница 


За разлика од останатите европски партиски групации, екстремно десничарската Идентитет и демократија (ИД), предвоена од францускиот Национален собир (РН) на Марин Ле Пен, не планира на евроизборите да настапи со единствен изборен манифест, туку е оставено на партиите членки да подготват такви документи на национално ниво.


 Според потпретседателот на ИД, Гунар Бек, кој доаѓа од редовите на Алтернатива за Германија (АФД), политиките на групата се изложени во нејзината Основачка програма од 2019 година, како и во Декларацијата од Антверпен од 2022 година – документ на две страници, со не премногу јасни и прецизни заложби.


  Ваквата одлука аналитичарите ја толкуваат како определба да се остават партиите членки да ги застапуваат нивните национални интереси во рамки на своите држави, а потоа да ја користат групата за обезбедување придобивки во рамки на Европскиот парламент.

Како доказ за нивниот „брак од интерес“ се посочува и членот од Статутот на ИД во кој се вели дека секоја партија членка при гласањето во Европарламентот ќе се води од сопствената национална агенда, нешто што не е случај кај останатите групи кои инсистираат на заеднички став на нивните членки при гласањето.


 Според аналитичарите, политички гледано единствен поврзувачки елемент на членките на ИД е желбата да блокираат зајакната интеграција во рамките на ЕУ и заложбата за „враќање на моќта“ на државите членки.

 Во рамки на ваквите заложби е и противењето на партиите од ИД на зголемени надлежности на ЕУ во рамките на одбраната.


Портпаролот на францускиот РН, Андреа Котарак смета дека одбраната на француската територија е во сржта на суверенитетот на Франција, па затоа таа не може да се делегира.

 Според Котарак, Франција со својот нуклеарен арсенал и нејзиното право на вето во Советот за безбедност на ОН претставува „гарант за мирот на континентот“.


 На обвинувањата за „блискост“ на лидерката на РН, Ле Пен со рускиот претседател Владимир Путин, Котарак истакна дека по Втората светска војна, тогашниот советски лидер Јосиф Сталин и францускиот претседател Шарл Де Гол морале „да преговараат за да го гарантираат мирот на континентот“.

 – Сепак, не верувам дека Де Гол бил сталинист или дека Сталин бил деголист. Како големи сили, ние мора да ги преземеме нашите одговорности, додаде Котарак.

 Меѓутоа, според аналитичарите, ваквиот став на екстремната десница во современиот мултиполарен свет е нереален и отфрлањето на идејата за заедничка одбрана на Европа е поблиску до „политички надреализам“ отколку до „политички реализам“.

 Сестринската партија на РН, германската АФД, пак главен фокус става на заложбата Европа „да се оттргне од приоритетите на американската надворешна политика“, бидејќи во спротивно последици од таквиот однос на Европејците ќе имаат „трговските односи во Евроазискиот регион“.

 Во изборниот манифест на АфД се наведува дека во свет како денешниот што фундаментално се менува, постоењето на Германија способна самата да се одбрани, ја наметнува неопходност за зачувување на германскиот суверенитет.

 Токму разликите во ставови на екстремнодесничарските партии за клучни прашања, според аналитичарите, е показател зошто тие не треба да имаат заедничка изборна програма, бидејќи дебата за пронаоѓање заеднички основи би била само губење време и целосно контрапродуктивна.

 Сепак, според поранешниот еврокомесар во два мандати и главен преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние, и покрај меѓусебните разлики за повеќе прашања, крајна цел на екстремната десница е напуштањето на Унијата, иако тие молчат за тоа пред избори.

 – Барањата за Фрегзит, Негзит, Грегзит. . . можеби повеќе не се толку експлицитни, но немојте да се залажувате, екстремната десница во ЕУ се уште во позадина работи на тоа, иако молчи.

Тие знаат дека Европејците не би го сакале тоа, но длабоко во себе не ги сменија ставовите, предупреди Барние.

 Тој потсетува на изјавата на Ле Пен по референдумот за Брегзит дека Британците се решиле „да ја отфрлат сервилноста“ и на ветувањата дека ќе го следи британскиот пример и ќе иницира референдум за истапување на Франција од ЕУ.

 – Таа не ги смени ваквите свои ставови, туку само заедно со нејзините сојузници во ЕУ, повеќе не труби за нив.

Би препорачал да не им верувате кога велат дека повеќе не сакаат да ја напуштат ЕУ, додаде Барние.

 Барние, кој сега е специјален советник за надворешни работи на француската конзервативна партија Републиканци (ЛР) и задолжен за нејзините односи со матичната Европска народна партија (ЕПП), смета дека проевропските партии треба да излезат во пресрет на барањата на европските граѓани и да не дозволат тие да се свртат кон екстремната десница.

сп/Фото: МИА Архива .

Извор: МИА