Breaking News

Груби: Правото на образование на мајчин јазик е уставно право и неговото кршење е неприфатливо


Правото на образование на мајчин јазик е уставно право и неговото кршење е неприфатливо, истакна првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, на денешното презентирање на „Анализата на состојбата со јазичното образование на помалите заедници“, заедно со шефот на мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Килијан Вал.


Груби изјави дека пречките за унапредување на јазиците во Северна Македонија се веќе надминати и мултиетничкото општество во земјата е отворено за соработка и прифаќање на сите заедници, додека шефот на мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Килијан Вал, рече дека дадените препораки не се само предлози, тие се акциони чекори и затоа треба да се трансформираат во опипливи дејствија.


-Потребата за имплементација на ваков аналитички пристап произлезе од добрата волја да се идентификуваат вистинските предизвици и перипетии во областа на образованието на јазиците на етничките заедници, па затоа заеднички да работиме кон потребните корекции кои ќе овозможат континуирано подобрување на состојбата фактографски, изјави Груби.

Нагласи дека има уште работа за да се заштити и унапреди духот на социјалната кохезија и меѓусебното почитување и другите идентитетски карактеристики.


-Училиштата се центри кои ја воспитуваат новата генерација во духот на почитување на јазичните и културните разлики, места каде предрасудите и стереотипите мора еднаш засекогаш да се искоренат, рече Груби и додаде дека ова истражување пред се служи за оваа главна цел, за зачувување на општествената виталност од болеста на дискриминација и занемарување преку промоција на мајчиниот јазик како основен елемент на идентитетот на една нација.

Амбасадорот Вал рече дека најголемите чекори за постигнување инклузивен образовен систем почива во поставувањето на изборните предмети за јазиците и културите на заедниците.


Министерот за образование Јетон Шаќири, рече дека оваа анализа ќе биде важен извор на министерството за носење на одлуките во составување на политиките за образование.

Анализата ја презентираа Драган Угриновиќ и Маја Цветановска кои укажаа на одредени недостатоци во системот на образованието во државата во однос на заедниците, дадоа информации околу методологијата на истражувањата, анкетирањата, спроведувањето, како и наодите за спроведување на наставата на јазиците на заедниците.


 сх/са/Фото: МИА .

Извор: МИА