Breaking News

Грковска-Вали: Соработката меѓу Северна Македонија и UNODC ќе продолжи и во однос на јакнење на интегритетот во правосудниот систем


Во рамките на Конференцијата на земјите потписнички на Конвенцијата на Обединетите Нации против корупцијата, COSP 10, што се одржува во Атланта, САД, вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска одржала работен состанок со извршната директорка на Канцеларијата на ОН за дрога и Криминал (UNODC), Гада Вали.


Како што соопшти владината прес-служба, вицепремиерката Грковска изразила благодарност за поддршката што UNODC и ја дава на Република Северна Македонија, особено во имплементацијата на Национална стратегија за јакнење на капацитетите за водење на финансиска истрага и Конфискација на имот, со Акциски план 2021-2023.


Притоа, Грковска изразила уверување дека оваа соработка не само што ќе продолжи, туку и ќе се унапреди и предложи UNODC да се вклучи во проектот што Кабинетот на вицепремиерката Грковска го реализира во соработка со Советот на Европа, а тоа е воспоставување на Регионална Академија за добро владеење.

Директорката Вали и честитала на вицепремиерката Грковска за успешното учество на COSP 10, истакнувајќи дека активностите што ги презентираше делегацијата на Северна Македонија, предизвикаа позитивни реакции меѓу учесниците.


Таа изразила интерес UNODC да даде конкретна поддршка во воспоставувањето на Регионалната Академија за добро владеење.

Вали истакнала дека UNODC посебно внимание посветува на регионот на Западен Балкан и нагласила дека се работи на повеќе паралелни проекти, како што е правосудната мрежа на интегритет и антикорупциското образование, а се во насока на јакнење на механизмите за справување со корупцијата и организираниот криминал.


Двете соговорнички се согласиле во наредниот период да продолжи меѓусебната комуникација, со цел проектите што ќе ги имплементира UNODC да бидат креирани целосно според потребите на Северна Македонија, а била договорена и засилена соработка околу јакнењето на интегритетот во правосудниот систем.

дма/са/Фото: Влада на РСМ  .


Извор: МИА