Грковска: Транспарентноста и проактивното објавување информации да бидат столб во работата на институциите


Податоците и информациите што ги продуцираат институциите им припаѓаат на граѓаните, јавната администрација е сервис на граѓаните кој е неопходно да биде целосно транспарентен, а истовремено носителите на функциите и институциите да бидат свесни и одговорни за потребата од транспарентност и отчетност пред граѓаните.


Тоа се дел од пораките на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, упатени на денешната јавна расправа за Нацрт-стратегијата за транспарентност на Владата (2023-2026), која што е подготвена во соработка со Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.


Грковска на расправата нагласи дека е направена анализа на претходната Стратегија со цел да согледаат што е реализирано за да има континуитет, односно да подготват комплементарна стратегија за транспарентност.

На Стратегијата работеше Работна група која ја сочинуваат клучни чинители во општеството, претставници на граѓанскиот сектор, на медиумите и од надлежните институции.


 — Транспарентноста и проактивното објавување информации треба да се столб на секојдневното работење на државните институции.

Во таа насока се и дел од процесите на дигитална трансформација на општеството, кои треба да обезбедат целосно отворање на институциите за граѓаните, рече Грковска и нагласи дека во изминатиов период поставиле механизми кои обезбедуваат проактивна транспарентност.


Еден од механизмите, додава Грковска, е и Упатството за подобрување на транспаретноста на институциите, што на предлог на нејзиниот Кабинет го усвои Владата, а со кое институциите се задолжуваат на своите веб – страници да објавуваат значително поголем број на податоци.

Вицепремиерката додаде дека со Стратегијата се дефинираат потребните процедури и стандарди за транспарентност и отчетност, кренати на ниво што ќе обезбеди соодветна одговорност на сите јавни службеници и функционери пред граѓаните.


 — Стратегијата ги насочува сите министерства и органите во состав, самостојните органи на државната управа, самостојните државни органи и управните организации што одговараат пред Владата, јавните претпријатија основани од Владата и акционерските друштва во државна сопственост да ја сфатат и да ја прифатат транспарентноста како начин на работење.

Тие имаат обврска да бидат што е можно поотворени во своето секојдневно работење, да ги споделуваат сите информации со граѓаните без да биде искористено правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, истакна таа.

Грковска потенцираше дека целосната транспарентност е процес кој не може да се постигне преку ноќ и за кој, пред се, е неопходна промена на свеста во општеството, за што придонес мора да дадат сите чинители во општеството.

Придонесот што ќе произлезе од денешната јавна расправа, како што нагласи таа, за Работната група која работи на текстот на Стратегијата за транспарентност на Владата ќе биде значаен патоказ за дополнително подобрување на документот.

На денешната расправа свое обраќање имаше и програмскиот директор на Фондацијата отворено општество – Македонија, Адријана Лавчиска, која истакна дека преку оваа поддршка на Стратигијата, тие ја потврдуваат нивната долгорочна определба за унапредување на владеењето на правото со посебно внимание на унапредувањето на успешноста и отвореноста на институциите.

 — За нас транспарентноста е услов за демократија и основен принцип кој обезбедува отчетност, праведност и доверба во работата на властите.

Дополнително, транспарентноста е од витално значење за економскиот раст со цел унапредување на квалитетот на животот на граѓаните, истакна Лавчиска.

Нацрт-стратегијата за транспарентност на Владата (2023-2026) на расправата ја презентираа експертките за нејзина подготовка, Ирена Бојаџиевска и Наталија Шикова, кои истакнаа дека нашата држава е една од поретките кои имаат посебен документ, стратегија за транспарентност.

Тие потенцираа дека Акцискиот план (2023-2026) на стратегијата за транспарентност и  Нацрт – стратегијата за транспарентност се објавени на веб – страната на ЕНЕР.

  сан/ ра/ Фото: МИА, Влада на Република Северна Македонија   .

Извор: МИА