Breaking News

Грантови за активности на децата со различно етничко потекло и наставни јазици


Mинистерот за образование и наука Јетон Шаќири и амбасадорот Килијан Вал, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје, денеска ќе доделат грантови за реализација на заеднички наставни и воннаставни активности на децата со различно етничко потекло и наставни јазици на територијата на Република Северна Македонија.


Грантови ќе добијат училишта кои аплицираа и се одбрани преку повикот за оваа намена во рамки на проектот „Градиме нови мостови“, соопшти МОН.


Проектот „Градиме нови мостови“ се надоврзува на Фондот за градење мостови кој воведе модел за интегрирано образование во Северна Македонија за поддршка на училиштата, општините и граѓанските организации за обединување на децата од различно потекло и јазици преку заеднички воннаставни активности.

Овој нов проект понатаму има за цел градење инклузивни општества кои го негуваат и се гордеат со културниот плурализам и ја почитуваат толеранцијата, дијалогот и соработката, во клима на меѓусебна доверба и разбирање како најдобри гаранции на социјалниот мир и безбедноста.


„Градиме нови мостови“ е проект поддржан од Кралството Норвешка, Република Полска и Големото Војводство Луксембург. са/мд/Фото: ОБСЕ .

Извор: МИА