Breaking News

Горниот дом на рускиот Парламент го одобри предлог-законот за одземање на имотот на осудените за дискредитирање на армијата


По кратка расправа, Советот на Федерацијата, Горниот дом на рускиот Парламент, денеска го одобри нацрт-законот со кој се дозволува конфискација на пари, вредни предмети и други средства на лица осудени за „намерно ширење лажни информации“ за руската војска.


Предлог-законот, кој исто толку брзо беше одобрен од Државната дума (Долниот дом на Парламентот), се очекува да биде потпишан од рускиот претседател Владимир Путин и наскоро да стапи на сила како закон.


Руските власти го користат постоечкиот закон против „дискредитирање“ на војската, кој опфаќа прекршоци, како што се „оправдување тероризам“ и ширење „лажни вести“ за вооружените сили, за да ги замолчат критичарите на Путин.

Голем број активисти, блогери и други Руси добија долги затворски казни.


Откако ќе стапи на сила, новиот закон за конфискација ќе важи за лицата осудени за јавно поттикнување „екстремистички активности“ и повикување на дејствија што ќе и наштетат на државната безбедност или ќе ги „дискредитираат“ вооружените сили на Русија.

Дискредитирањето на руската војска стана кривично дело според законот усвоен како дел од репресивните мерки на руската Влада против неистомислениците, откако Москва испрати војници во Украина во февруари 2022 година.


рп/Фото: МИА архива .

Извор: МИА