Breaking News

Гашиќ: Уапсен е таткото на детето кое пукаше, пиштолот бил со легална дозвола и бил чуван во сеф


– Српскиот министер за внатрешни работи, Братислав Гашиќ, попладнево изјави дека таткото на момчето, кое е осомничено дека пукало во училиштето, е уапсен и дека тој имал дозвола за поседување на двата пиштола, пренесе Бета.


-Таткото кажа дека пиштолите биле заклучени во сеф со шифра, но дека момчето очигледно ја знаело шифрата, рече Гашиќ на прес-конференција во зградата на Владата.


Тој изјавил дека момчето вежбало гаѓање на стрелиште.

Според важечките закони во Србија, децата помлади од 14 години не можат кривично да одговараат, што значи дека не можат да бидат казнети за незаконско дело, односно не може да им се изрече кривична санкција, изјави адвокатот Владимир Тупањац за Бета.


-Следствено, водењето на кривичната постапка станува беспредметно, што значи дека тие не можат да бидат ниту приведени, ниту притворени.

Останува само граѓанско правната одговорност на училиштето и евентуално на родителите на момчето за надомест на штета на семејствата на починатите, откако ќе бидат утврдени сите околности на случајот, рече Тупањац.


Тој додаде дека кога надлежните органи ќе утврдат како детето го добило оружјето и кому навистина му припаѓа оружјето, веројатно може да има одговорност на оној кој не го обезбедил правилно оружјето и на тој начин да му го стави на располагање на детето.

сд/ Извор: МИА.