Breaking News

Фронт 21/42 : Прекршено меѓународното право за Охридското Езеро


Спротивно на препораката на Бернската конвенција, на седница Владата го усвои текстот на Законот за прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата, без претходно да се ревидираат зонирањето на езерото и дозволените активности во различните зони, реагираат од Фронт 21/42.


Во декември 2023 година, во рамки на случајот за заканите врз Охридското Езеро и Националниот парк Галичица, Постојниот комитет на Бернската конвенција, велат, ја усвои Препораката 221 (2023), која има 15 точки.


Точката бр. 7 гласи: „Да се ревидира предложениот концепт на зонирање, како и дозволените и забранетите активности во Студијата за валоризација на Охридското Езеро пред да се усвои Законот за ре-прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата, како и Нацрт планот за управување со Охридското Езеро, за да се адресираат ефективно реалните закани, да се обезбеди заштита и врска со Студенчишко блато и да се спроведат меѓународните (ИУЦН) стандарди за заштитени подрачја. Постапувајќи спротивно на препораката, Владата (и Министерството за животна средина, кое е одговорно за овој закон) постапија и спротивно на член 118 од Уставот на Република Северна Македонија, кој недвосмислено ја дефинира обврската на институциите за спроведување на меѓународните договори, каква што е Бернската конвенција: Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон, потенцираат.

Во коренот на проблемот, додаваат, е Студијата за валоризација, која е основа на Законот за прогласување, а која не ги содржи законски обврзните информации, ниту го спроведува Планот за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот регион.


Според Законот за заштита на природата, целта на секоја Студија за валоризација е да ја утврди реалната состојба на вредностите на подрачјето. Востановената пракса за утврдување на реалната состојба на вредностите е да се спроведат истражувања на терен од страна на тим научници, во определен период (обично најмалку една година, за да се следат состојбите во различните сезони), да се соберат реални, актуелни податоци за клучните видови и живеалишта, да се увидат реалните закани, итн. Врз основа на научните извештаи од терен потоа се предлагаат зони на заштита, дозволени и забранети активности, итн. појаснуваат.

За Студијата за валоризација на најстарото езеро во Европа не беше спроведено ниту едно истражување. Наместо тоа, набрзина во период од неколку месеци, се направи селекција на информации од постоечки документи и оваа компилација се наслови „Студија за валоризација на Охридското Езеро“. За илустрација на содржината на Студијата ќе наведеме само еден факт – Охридската пастрмка не е меѓу клучните видови за езерото. Спротивно на Планот за управување со светското наследство, кој налага во рамки на Студијата да се анализира потребата за проширување на заштитниот крајбрежен појас на езерото – авторите целосно го игнорираа овој исклучително важен дел за заштитата на Охридското Езеро. Сето ова се случуваше во периодот пред сесијата на Комитетот за Светско наследство во јули 2021 година, на која по втор пат се гласаше за впишување на Охридскиот регион на Листата на светски наследства во опасност – на
Владата и требаше итно да ја покаже познатата “целосна посветеност кон заштитата на светското наследство“.


Сега, велат, повторно, непосредно пред најавената (трета по ред) реактивна мониторинг мисија, се финализира постапката за усвојување на Законот за прогласување, што веројатно ќе биде еден од „доказите“ за „посветеноста“ и „исполнување на последната Одлука на УНЕСКО“, а во реалноста нејзино прекршување.

Имено, со последната Одлука УНЕСКО бара итно да се заврши процесот на прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата и Студенчишко блато за Парк на природата, но клучен е вториот дел од таа реченица – „и да осигура дека мерките за управување ги зачувуваат клучните еколошки процеси и карактеристики кои придонесуваат за исклучителните универзални вредности на доброто.“ Мисијата на Бернската конвенција во април 2023 година потврди дека предложените зони и дозволени и забранети активности (кои се клучни мерки за заштита на вредностите) се базираат на Студија со застарени податоци, во која се прикажува поинаква состојба на живеалиштата од реалната, итн.


Поради тоа, Постојниот комитет, кој во декември 2023 изрази „екстремна загриженост за состојбата која е опишана во извештајот на мисијата“ препорача ревизија на најважните елементи на Студијата пред да се усвои Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата, и побара од Владата на Република Северна Македонија „итно и без одлагање да започне со имплементација на препораката“.

Неспроведувањето на оваа препорака всушност значи и (дополнително) неспроведување на последната Одлука на УНЕСКО, во која посебен акцент е ставен на Стратегискиот план за рехабилитација на светското наследство, а од државата се бара да обезбеди „интеграција на активностите од Стратегискиот план за рехабилитација во националните политики и планови“ – една од активностите во овој план е имплементација на препораките на мисиите на меѓународните конвенции во Законот за управување со Охридското Езеро, доколку истите се добијат пред да се усвои законот, потецнираат.

Заклучуваат дека со усвојување на текстот на Законот за прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата, Владата (и Министерството за животна средина) го прекршија домашното и меѓународното законодавство и постапија спротивно на Уставот – се под превезот на „посветеност кон заштитата“, а назначувањето на ЈП Колекторски систем, Охрид за управувачко тело на Охридското Езеро е во најмала рака запрепастувачко и бара посебна анализа.

.

Извор: МИА