Breaking News

Франција ќе им забрани на насилните израелски доселеници да влезат во земјата


Франција ќе забрани влез во земјата на 28 израелски доселеници, обвинувајќи ги за напади врз Палестинците на окупираниот Западен Брег, соопшти денеска Министерството за надворешни работи.


-Мерката е донесена како одговор на зголемувањето на насилството на доселениците врз палестинското население во последните месеци.


Франција ја потврдува својата силна осуда на ова неприфатливо насилство, се вели во соопштението на Министерството во кое не се наведуваат поединци.

Според податоците на ОН, откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври и почетокот на војната во Газа, дневните напади на доселениците се повеќе од двојно зголемени.


И додека најголем дел од меѓународното внимание е насочено кон прекуграничниот напад на Хамас и израелската војна во Газа како резултат на тоа, европските претставници се исто така загрижени за зголеменото насилство врз Палестинците на Западниот Брег.

САД и Велика Британија веќе воведоа санкции за неколку доселеници за кои сметаат дека се одговорни, а шефот на европската дипломатија Жозеп Борел во декември рече дека ќе предложи слични мерки.


Париз ја поддржа иницијативата, а дипломатите рекоа дека се надеваат оти, откако мерките ќе стапат на сила, тоа може да го забрза европскиот процес.

Во заедничката изјава објавена вчера од министрите за надворешни работи на Франција, Полска и Германија се вели дека насилството на доселениците врз Палестинците на Западниот Брег е неприфатливо и „ќе биде санкционирано“.


Напорите на ЕУ заглавија поради приговорите од Унгарија и Чешка, велат дипломатите.

Но, тие велат дека подоцна може да се најде компромис за продолжување на мерките, веројатно по новите санкции на ЕУ кон Хамас. мс/фото: ЕПА .

Извор: МИА