Breaking News

Форум за Филантропија 2024: Филантропијата двигателка на одржливиот развој


– Состојбите со филантропијата и неопходноста таа да биде механизам за одржлив развој, обезбедувајќи ресурси, експертиза и иновативни решенија за справување со социо-економските предизвици, беа во фокусот на Форумот за филантропија што се одржа денеска во организација на здружението „Конект“, Северна Македонија.


 На форумот на кој учествуваа учесници од Албанија, Косово, Северна Македонија, Сингапур, Србија и Хрватска и над 80 учесници од институции, бизниси, граѓански организации и медиуми беше истакнато дека филантропските напори играат клучна улога во унапредувањето и градењето на поправеден и одржлив свет за сите.


 Никица Кусеникова, извршна директорка на „Конект“, во изјава за медиуми рече дека нашето општество има огромен потенцијал за филантропија.

– Нашето општество, од она што го имаме како истражување, покажува дека граѓаните многу сочувствуваат со другите.


И секогаш се отворени да помогнат да донираат кога треба да се лекува кога имаме временски непогоди.

Исто така, истражувањата покажуваат дека половина од компаниите редовно донираат во текот на годината. Значи имаме еден огромен потенцијал.


Она што се случува е што донирањето претежно е стихијно на моментално барање и кога е нешто итно, рече Кусеникова.

Како што дополни, она што се обидуваат е да се изгради култура каде што, како што рече „нема само да реагираме и да крпиме дупки со донациите, туку ќе ги вложиме нашите донации во долгорочно решавање на проблемите“.


Дон Кармин, директорка на Канцеларијата за демократија и добро владеење на УСАИД, Северна Македонија, истакна дека УСАИД верува дека филантропијата може да биде двигател на одржлив раст.

– Тоа е затоа што сите граѓани – без разлика дали сте јавен службеник, сопственик на бизнис или член на заедницата – придонесуваат за иднината на една земја со инвестирање во нејзиниот развој, рече таа.

На овој настан „Конект“ ги претстави и можностите на новата платформа за групно донирање „Оп-оп“ што на донаторите им овозможува обмислено донирање во вредни непрофитни организации што проверено прават големи промени.

На 6 граѓански организации кои поминале низ процесот на проверка на високи меѓународни стандарди им беше доделен и сертификатот „Ознака за доверба“ и истите се препорачуваат на донаторите за поддршка.

 На форумот се споделија најдобрите практики од Балканот што вклучуваат меѓу-секторска соработка во формирање на локални фондации што е модел за решавање на развојните проблеми во регионот.

Овој настан е дел од проектот на УСАИД „Партнерства за донирање“ спроведуван од Конект во партнерство со Европскиот Центар за непрофитно право (ECNL), Стопанската комора на Северо Западна Македонија, Индиго и Американската стопанска комора во Северна Македонија.

ар/са/Фото: МИА, Конект .

Извор: МИА