Breaking News

ФИТР: 2,3 милиони евра финансиска поддршка за стартапите преку повикот „Стартапувај 5”


Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска ги прогласи добитниците на финансиска поддршка преку јавниот повик „Кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт-ап и спин оф“, преку кој 2,3 милиони евра се распределуваат за развој и поттикнување на иновативноста кај домашните претприемачи и почнувањето на сопствени бизниси.


Како што соопшти ФИТР, вкупно 61 проектни апликации (29 компании и 31 проектни тимови) се поддржани преку повикот „Стартапувај – 5“ кои ќе почнат со реализација на своите иновативни идеи и бизнис проекти поврзани со истражување и развој.


Од вкупниот буџет на повикот, 2,3 милиони евра се инвестиција на ФИТР, додека 412 илјади евра се средства кои ќе ги инвестираат самите компании.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Фестим Халили потенцира дека поддршката преку повикот „Стартапувај“ континуирано се зголемува во текот на годините.


Заедно со овие 61 нови проекти, како што наведе, поддржани се вкупно 348 компании, односно 31 отсто од вкупно поддржаните компании од сите инструменти на ФИТР кои реализираат или ќе ги реализираат своите бизнис идеи.

Според Халили, Фондот гледа навистина голем потенцијал во идеите на младите и иновативните луѓе.


Посочи на можноста преку повикот „Стартапувај“ да аплицираат и проектни тимови, кои имаат обврска 30 дена од приемот на известувањето и селекцијата да регистрираат своја стартап компанија.

– Ме радува што оваа можност ја искористија 32 проектни тимови, со што успеавме да ги мотивираме овие млади луѓе да ги преточат своите бизнис идеи во успешен бизнис, да поттикнеме истражување и развој, но и да ги задржиме младите да развиваат тука, во нашата земја.


Токму вие, млади луѓе и вашите компании сте она здраво јадро во економијата што ќе не воведе напред, кон нови почетоци и подобра иднина.

Со овој повик, ние ја потврдивме уште еднаш нашата посветеност за поттикнување култура на иновации и технологија во нашето општество, истакна Халили.

На повикот „Стартапувај“ кој е петти по ред, во ФИТР пристигнаа 363 проектни апликации од страна на компании и проектни тимови.

Врз основа на одлуката на Комитетот за одобрување на инвестиции одбрани се 61 проекти за финансирање во рамките на инструментот „Стартапувај“, кои од денеска ќе почнат со реализација на своите иновативни идеи и креативни решенија.

мд/дма/Фото: ФИТР  .

Извор: МИА