Breaking News

Финска треба да остане спокојна и покрај реториката на Трамп, рече новоизбраниот претседател Стуб


Новоизбраниот претседател на Финска Александар Стуб денеска изјави дека неговата земја треба да остане спокојна и да се фокусира на членството во НАТО и покрај неодамнешните коментари на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во врска со воената алијанса.


Трамп, фаворит на Републиканската партија на претседателските избори во ноември, минатата недела изјави дека нема да ги заштити земјите-членки на НАТО од иден напад од Русија доколку не потрошат доволно за одбрана.


„Изборните кампањи во САД се многу различни од изборите во Финска и реториката што се користи е многу посилна.

Мислам дека во овој момент е најдобро да останеме смирени и да се фокусираме на зајакнување на нашето членство во НАТО, рече Стуб на прес-конференција .


Финска издвојува повеќе од два отсто од својот бруто домашен производ за одбраната, што е договор меѓу земјите-членки на НАТО, истакна Стуб.

Стуб вчера тесно победи на претседателските избори во Финска и ќе ја преземе функцијата на 1 март, задолжен за безбедност и надворешна политика, како и за ставот на новопримената членка на НАТО кон Русија, со која споделува долга граница.


ссм/фото: ЕПА .

Извор: МИА