Breaking News

Финансиска спогодба за ИПАРД 3, се прошируваат можностите за инвестирање во земјоделството (ДПЛ)


– Нови 97 милиони евра европски неповратни средства ќе бидат наменети за модернизација и развој на македонското земјоделство преку ИПАРД 3 програмата.


Финансиската спогодба за ИПАРД 3 денеска во име на Владата ја потпиша вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир и министрите за финансии Фатмир Бесими и за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.


Според Маричиќ, финансиската спогодба е суштинска за нашето земјоделство и е продолжение на успешната ИПАРД  приказна во државава.

-Преку јакнењето на земјоделскиот сектор се приближуваме кон стандардите утврдени со заедничката земјоделска политика на ЕУ што е една од најважните и во која најмногу се вложува, а чија основна цел е поддршка на економската одржливост на руралните области, рече Маричиќ.


Како што истакна, тоа се остварува преку финансирање акции кои го поддржуваат руралниот развој, преку поттикнување на конкурентноста во земјоделството и во шумарството, преку одржливо управување со природните ресурси и климатските активности, преку постигнување на рамномерен регионален развој на руралните заедници и економии и преку создавање и одржување на вработувањата во овој сектор.

-Паралелно со ИПАРД 3 фондовите, користиме и финансиски средства за поддршка на земјоделските фондови преку годишните акциски програми за ИПА, кои се наменети за зајакнување на организациите кои треба да обезбедат заедничко управување на пазарите во согласност со законодавството на ЕУ и целите на Стратегијата на ЕУ за фер, здрав и еколошки прифатлив систем на храна со циркуларна зелена економија, подобрување на организацијата на земјоделците во изградба и управување со мали системи за наводнување.


Спроведувањето на овие мерки значи инвестирање во земјоделството, зголемување на продуктивноста и правењето на оваа економска гранка поатрактивна за работа, но и да биде надминат по најразумни цени и недостатокот на храна во овие кризни времиња, рече Маричиќ.

 Денеска потпишаната спогодба, како што кажа, ќе значи продолжување и уште поголемо развивање на успешната соработка што и досега ја имавме со ЕУ.


Добрата вест, како што рече евроамбасадорот Гир, е дека ИПАРД 3 ќе ги прошири можностите за инвестирање.

-Покрај традиционалните активности што ги поддржуваме за земјоделски стопанства и за фарми, ќе има поддршка и за повторно пошумување и заштита на шумите што е исклучително важно за климатските промени.

Исто така и за советодавни услуги и за рурална инфраструктура, како и можност за земјоделците да поднесуваат проекти што ги поттикнуваат оние групи на производители и во кратките синџири на снабдување, рече Гир.

 Нагласи дека земјава од 2007 година до сега преку ИПАРД програмите има искористено речиси 223 милиони евра.

-Северна Македонија е земја која предводи во регионот во однос на искористеноста на ИПАРД средствата.

Тоа е земја каде земјоделството е во сржта на економијата, општеството и идентитетот на нејзините граѓани. Досега речиси 3. 100 проекти се успешно завршени со поддршка од ИПАРД.

Тие помогнаа да се надградат фармите, земјоделските стопанства, да се модернизираат стопанствата и за се диверзификуваат економските активности во руралните подрачја.

Очекуваме новата програма да донесе уште поамбициозни резултати, повеќе средства и поширок опфат на активностите, рече Гир.

Посочи дека за ефикасно и транспарентно користење на јавните средства потребни се корективни активности за да се скратат одолговлекувањата при плаќањата на добитниците на средствата и да нема злоупотреба на средствата.

– Затоа средствата ќе се доделуваат преку прилагоден софтвер за електронско поднесување на барањата што ќе овозможи подобра администрација и контрола на средствата од ИПАРД и ќе ја скрати постапката со што ќе биде поефикасна, рече Гир.

Министерот за финансии Бесими ИПАРД програмата ја оцени како најсилен сигнал на солидарност од Европската Унија за нашата земја како идна членка на ЕУ.

-Дека Европа никогаш не се откажа од нас, а и ние од Европа доказ е денешниот договор што го потпишуваме за грант од 97 милиони евра за ИПАРД 3 програмата.

На тие 97 милиони евра имаме национално кофинансирање од 31 милион евра со што земјоделскиот сектор ќе се поддржи со околу 128 милиони евра, рече Бесими.

Посочи дека многу средства од ЕУ досега се издвоени за земјоделскиот сектор, а издвоени се средства и од Буџетот.

-Од 2017 година  кога за овој сектор имаше на располагање околу 1,6 милијарди денари во последната година има речиси три пати повеќе средства во Буџетот.

Субвенциите кои беа 7,7 милијарди денари надминаа 9 милијарди, а со последната реалокација на средства, која утре ќе се гласа во Собрание, предвидени се дополнителни 800 милиони денари, посочи Бесими.

Од ИПАРД 1 и ИПАРД 2 програмите, како што кажа, досега се искористени околу 70 милиони евра, а до крајот на годинава се очекува реализацијата да стигне до 80 отсто.

Со ИПА програмата дополнително земјава има поддршка од ЕУ од повеќе од две милијарди евра што е приближно 15 проценти од нашиот БДП.

-Европа е нашиот партнер за подобрување на животот на граѓаните и е многу повеќе од креирање и спроведување на законите, рече Бесими.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Николовски истакна дека имаше многу ниска искористеност на средства од ИПАРД 1 програмата поради што, како што кажа, уште од самиот почеток на ИПАРД 2 програмата во јуни 2017 година наша задача беше како да ја вратиме довербата на граѓаните и бизнис секторот во овој процес дека може фер, транспарентно,законски, чесно, со квалитетни апликации и со упростени процедури да се дојде до европските средства.

-Со работа и труд успеавме од 2017 година низ повеќе од 11 повици кога ја затвораме ИПАРД 2 програмата да имаме контрактирано 100 проценти од средствата кои се на располагање од целиот буџет.

Имаме многу повеќе договори од Србија, Албанија и Црна Гора заедно и над 2.

100 исплатени инвестиции, рече Николоски и додаде дека нема село во кое нема табла од ЕУ за исплатени и реализирани средства од ИПАРД.

Затоа, потенцира, ЕУ донесе одлука наместо 60 во ИПАРД 3 програмата да ни бидат доделени 97 милиони евра или за 62 проценти поголем буџет од неповратните европски средства.

-Нашите тимови се постојано на терен и успеавме да се склучат над 2. 400 договори и да имаме над 2. 100 исплатени договори од ИПАРД 2 програмата.

Успеавме први во регионот да ја почнеме програмата ИПАРД 3.

Очекуваме средствата од новата програма ИПАРД 3 до 2027 година да бидат искористени и заедно со националното кофинансирање и кофинансирањето од страна на апликантите инвестициите да достигнат и до 250 милиони евра, потенцира Николовски.

Наша цел е, додаде, да ги промовираме новитетите што ги има ИПАРД 3 програмата, а тоа е можност за 50-процентна авансна исплата и нови четири мерки.

 Првите 30 милиони евра од ИПАРД 3 веќе се на располагање за инвестиции со првиот јавен повик од ИПАРД 3 програмата за мерките 1 и 7.

Мерката 1 се однесува на инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства, а приоритетни сектори се: растително и сточарско производство, производство на риба, преработка и маркетинг на сопствено земјоделско производство и инвестиции во обновливи извори на енергија за сопствени потреби.

Мерката 7 е за диверзификација на фарми и развој на бизниси, а приоритетни сектори се: алтернативно земјоделско производство, преработка на алтернативни земјоделски производи, производство на прехранбени производи и пијалаци, производство на непрехранбени производи, поддршка на занаетчиски активности, поддршка на услуги за рурално население, поддршка на услуги во земјоделство и поддршка на рурален туризам.

вј/лв/Фото: Принтскрин .

Извор: МИА